Главниот уредник на рускиот државен информативен канал и еден од пропагандистите на Путин, Маргарита Симонјан, изјави дека водителот Антон Красовски е суспендиран поради неговите „одвратни коментари“. Таа рече дека никој во РТ не ги дели ставовите на Красовски
Откако водителот на телевизијата „Раша тудеј“ (РТ) изјави дека украинските деца треба да бидат фрлени во реката и да се удават, рускиот државен канал е обвинет за поттикнување геноцид, пишува „Скај њуз“.
Главниот уредник на рускиот државен информативен канал и еден од пропагандистите на Путин, Маргарита Симонјан, изјави дека водителот Антон Красовски е суспендиран поради неговите „одвратни коментари“. Таа рече дека никој во РТ не ги дели ставовите на Красовски.
Станува збор за човек кој јавно ја поддржува војната во Украина и кој ЕУ го стави на списокот на санкционирани лица.
Во неговата емисија емитувана минатата недела, Красовски рече дека децата кои ја критикувале Русија требало да бидат „фрлени право во река со силна струја“.
Во краткото видео објавено на социјалните мрежи, Красовски се насмеа на информациите дека припадници на руските сили силувале постари жени во Украина за време на војната.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба го коментираше видеото со Красовски на Твитер.
„На земјите кои не го забранија РТ треба да им се прикаже овој клип. Агресивното поттикнување на геноцид нема никаква врска со слободата на говорот. РТ треба да се забрани во целиот свет“,
коментира Кулеба.