Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прес-конференцијата на Сугарески и Китанов ја нарекоа гол популизам и очаен обид за подигање на рејтингот на СДСМ и тврдат дека реализацијата на капиталните инвестиции на Владата на СДСМ во изминатите три години е под 70 проценти
Има силно темпо на изградба на патишта, гасоводот, комуналната мрежа и железницата, вели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески тврдејќи дека градежните работи се одвиваат непречено и нема отпуштање на градежни работници.
„Имаме добра реализација на капиталните инвестиции во ресорот транспорт. Интензивно се работи на патиштата, на водоводи и канализации, се гради гасоводот и нови социјални станови“,
изјави Сугарески на денешната прес-конференција.
Тој излезе со податок дека реализацијата на капиталните инвестиции изнесува 10 проценти, а потенцираше и за секој проект колку е остварено досега. Така, за играгдба на канализации и водоводи, рече, досега се реализирани 21 процент од планираните пари преку Европската инвестициона банка и 15 отсто за проектите преку КФВ банката.
„Во делот на изградба на магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола имаме 86 проценти реализација, додека гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар бележи реализација од 58 проценти. За изградба на пругата од Куманово до Бељаковце до сега реализирани се 70 милиони денари или 17 проценти од планираните средства, а во однос на делницата Бељаковце-Крива Паланка сакам да истакнам дека тендерската постапка за избор на изведувач е во тек и очекуваме до крај на годинава тендерот да заврши“,
рече Сугарески.
Тој зборуваше и за социјалните станови потенцирајќи дека вкупно се градат 506 станови во Неготино, Виница, Свети Николе, Пробиштип и во Бутел.
Директорот на јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, пак, зборуваше до каде е изградбата на патиштата оценувајќи дека првиот квартал од годинава бил успешен.
„Градбите продолжуваат со несмалено темпо и покрај вонредната состојба. Одговорно тврдам дека нема да има кратење на капиталните инвестиции кои се однесуваат на инфраструктурните проекти“,
рече Китанов.
Според информациите кои ги изнесе тој, од предвидените 18,5 милијарди денари реализирани се 4 милијарди што според него, значи дека нема никаков застој и на терен се работи во зависност од временските услови.
Конкретно, за автопатот Кичево-Охрид рече дека се работи на сите делници и оти на изведувачот му се дадени 48 проекти за изведување на косини, додека дополнителни 20 проекти се на ревизија во Градежниот факултет. За Скопје-Блаце, само рече дека е во почетка фаза.
Кога се во прашање експресните патишта, кажа дека првата фаза од околу 14 километри од Штип до Крупиште е во завршна фаза и ќе се пушти до крајот на јуни, додека патот од Крупиште до Кочани од речиси 14 километри се изедува без застој и треба да заврши во април наредната година.
За првата фаза од експресниот пат од Штип кон Радовиш, рече дека има реализација на 83 проценти, треба да заврши во април 2021, но очекува дека тоа ќе се случи и порано односно околу Нова година.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, прес-конференцијата на Сугарески и Китанов ја нарекоа гол популизам и очаен обид за подигање на рејтингот на СДСМ.
„Владата на СДСМ ја бележи најлошата реализација на буџетски средства по основ капитални инвестиции. Просекот на реализација на капиталните инвестиции за изминатите три години владеење на СДСМ е под 70 проценти. Ова значи дека Владата парите на граѓаните наместо да ги инвестира во капитални проекти ги трошела расипнички за криминални тендери и грантови задоволувајќи ги интересите на криминалната банда на чело со Заев“
реагираа од опозицијата.