На дневен ред на седницата се три точки: констатирање престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, по сопствено барање, постапување по одлука на Управен суд и разно
Судскиот совет за денеска попладне закажа итна седница откако претходно околу три часа членовите на ова тело ја разгледуваа и расправаа за пресудата на Управниот суд со која е поништено разрешувањето на поранешната претседателка на ова тело, Весна Дамева.
На дневен ред на седницата се три точки:
- Констатирање престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет на Република Северна Македонија, по сопствено барање;
- Постапување по одлука на Управен суд и
- Разно
Додека членовите на Судскиот совет на работен колегиум ја разгледуваа и расправаа за пресудата со која Управниот суд го поништи разрешувањето на поранешната претседателка на Советот, Весна Дамева, увид во нејзината содржина доби и јавноста.
Имено, Управниот суд, како што и претходно најавија оттаму, денеска ја објави пресудата на својата официјална веб-страница, според која членовите на Судскиот совет во април минатата година, донеле необразложена и незаконита одлука за разрешување на Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет.