Од Советот реагираа по вчерашната прозивка од министерот за правда, посочувајќи и дека сите алатки што Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни
Судскиот совет се огласи денеска по вчерашната првична одлука на скопска Апелација за пуштање на ексдиректорот на некогашната УБК, Сашо Мијалков, од притвор за случајот „Трезор“, која потоа беше „поклопена“ со одредување нов притвор за „Плацови на Водно“, за што одлучи Кривичниот суд во Скопје.
Од Судскиот совет нагласуваат дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган кој постапува исклучиво според закон и не дејствува под политички влијанија.
„Судскиот совет укажува дека судската власт е независна и самостојна, а Советот е орган кој постапува исклучиво според закон и не дејствува под политички влијанија. Истото се однесува и за работата на судиите. Оттаму, врз основа на надлежностите, сите алатки што Советот ги има на располагање во оваа фаза, а со оглед дека судскиот предмет е активен, остануваат интерни за Советот. За секоја следна постапка или евентуална одлука Судскиот совет навремено ќе ја извести јавноста“,
се наведува во соопштение од Судскиот совет.
Од советот, исто така, се повикуваат на законите за Судски совет и за судови, посочувајќи дека се забранува секаков облик на влијание врз независноста на судската власт.
„Имајќи го предвид јавниот интерес околу одлуката на Кривичниот совет од Апелациониот суд – Скопје, во врска со притворот на обвинетиот С.М., Судскиот совет известува дека согласно членот 2 од Законот за Судски совет, Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт, додека според членот 11 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз слободна оцена на доказите и се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект“,
се нагласува во соопштението.
Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера побара апелациските судии да ѝ објаснат на јавноста по кои основи ја донеле одлуката и го повика Судскиот совет да испита како тие решиле дека Мијалков треба да излезе од затворот во Шутка.
Како што оцени министерот, одлуката на Апелацискиот во Скопје да го пушти од притвор Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите.
За најавеното ослободување на Мијалков од притвор реагираше и СДСМ, од каде што ја оценија како скандалозна одлуката на Апелацискиот суд.
„Судиите Ѓоко Ристов и Енвер Беџети јавно да излезат и да пред целата јавност да кажат како е можно за лице со вкупни пресуди од 20 години да донесат ваква одлука? Како оцениле дека не постои ризик од бегство“,
изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, возвратија дека реакциите на Маричиќ и на СДСМ за случајот со Мијалков се „евтин театар“. Од опозициската партија изостана поконкретна реакција во врска со одлуката на скопска Апелација според која ексдиректорот на УБК требаше да продолжи да се брани од слобода.