Не смееме да дозволиме вакви поединци да ја уриваат сликата за целото судство и преземаме чекори граѓаните да видат дека Судскиот совет работи и дека нема да дозволи вакви судии да опстанат, рече претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева
На итна седница претпладнево, Судскиот совет донесе одлука за разрешување на осудениот врховен судија Наќе Георгиев кој доби затворска казна во траење од три години за примање мито. Претседателката на советот, Весна Дамева, рече дека по докажувањето вина кај Георгиев се докажало дека никој, ниту судија од највисоката судска инстанца не може да пркоси на фактите и доказите, без разлика што тој претходно ја негирал одговорноста.
„Граѓаните да се одважуваат и пријавуваат до Судскиот совет и до другите надлежни органи секое коруптивно дејствие преземено од страна на судија. Секој случај кога судија лично или преку посредник ќе им побара поткуп или било какво дејствие или, пак, услуга заради влијание или донесување на судска одлука“,
изјави Дамева.
Таа порача и дека не смее да се дозволи поединци како Георгиев да ја уриваат сликата за целото судство и оти се преземеаат чекори јавноста и граѓаните да видат дека Судскиот совет работи и дека нема да дозволи ваквите судии да останат дел од системот.
„Поединците си имаат име и презиме, си имаме ние име и презиме. Само малку трпение од јавноста, затоа што веќе некои работи почнаа да се решаваат и резултатите ќе дојдат многу брзо“,
рече Дамева.
Членот на Судскиот совет, Антоанета Димовска, рече дека иако законот не ѝ дозволува да навлегува и коментира за висината на казната, како граѓанин вели дека не е задоволна со пресудата оти, како што кажа, за судиите нема олеснителна околност дали некој бил чесен или, пак, не.
„Сметам дека за судиите мора да се изрекуваат построги казни. Судија, од кој се очекува правда, добро е што е осуден, но сметам дека оваа казна не е соодветна на она што е направено. Би апелирала до нашите судии сепак да бидат похрабри. Јас јавно кажав дека оваа казна не е доволна“,
изјави Димовска.
Разрешувањето на врховниот судија Наке Георгиев доаѓа откако тој призна дека примил мито и се спогоди со Обвинителството да добие затворска казна од три години, а исто толку време ќе има забрана за вршење на професијата. Од Обвинителството велат дека потпишувајќи ја предлог-спогодбата осомничениот не спори дека го сторил кривичното дело и, имајќи ја предвид одредената затворска казна од една до десет години, прифатил да одлежи затвор, како и да му се забрани вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години.
Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и тој веднаш ќе биде однесен во затвор. Ќе ги врати и парите од поткупот.
„Предметниот обвинител имајќи ги предвид степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, јачината на загрозувањето на заштитното добро, како и поранешниот живот на сторителот и неговите лични прилики ценеше дека за кривичното дело што му се става на товар со одмерената единствена казна затвор во траење од три години, ќе се остварат целите на казнувањето во поглед на специјалната и генерална превенција предвидени во чл. 39 од Кривичниот законик. Во казната ќе му се засмета и времето поминато во притвор и истиот веднаш ќе биде упатен на издржување на казната затвор… Дополнително, криминалистички обработените банкноти што беа пронајдени во ПМВ на осомничениот ќе бидат вратени на сведокот, а останатите 5 000 евра ќе бидат конфискувани во корист на Буџетот на РСМ како стекната имотна корист од кривично дело”,
велат од ОЈО ГОКК.
Судијата Георгиев е првоосомничен за поткуп во постапката што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој, пак, беше уапсен со поголема група поради шверц на марихуана.
Пред два дена, и второосомничениот за овој случај, Иџет Мемети од Советот на јавни обвинители, си поднесе оставка, призна вина и се спогоди со Обвинителството за условна казна.
Според Обвинителството, Мемети по претходен договор со Георгиев во текот на април и мај годинава, преку врховниот судија, му пренел на синот на Стојчев дека наводно интеревенирал да не се поднесе обвинителен акт во случај со неговиот татко, туку да се склучи предлог-спогодба.
Георгиев и Mемети комуницирале преку апликацијата Вацап (Whatsapp), а членот на Советот на јавни обвинители не знаел дека тие разговори ги слуша и синот на Стојчев.