Џолев беше единствен пријавен кандидат за претседател на најголемиот суд во државата. На седницата беше посочено дека Џолев е оценет со 200 бода. По неговиот избор, образложувајќи ги причините зошто гласале за Џолев, сите членови на Советот истакнаа дека станува збор за квалитетен кандидат, кој покажал одлични резултати во раководењето со судот во претходниот четиригодишен мандат и како в.д. претседател во изминатиот едногодишен период
Судскиот совет на днешната седница едногласно со 13 гласа „за” го избра Иван Џолев за претседател на Основниот кривичен суд Скопје. Советот му даде мандат по вторпат да го раководи најголемиот суд во државата, во кој, меѓу другото, е и одделот кој постапува по судските предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.

Инаку, Џолев досега ја извршуваше функцијата в.д. претседател на овој суд, на која беше назначен лани во ноември откако му истече претходниот четиригодишен мандат на претседател, а Судскиот совет тогаш не избра нов. По ова, беше распишан оглас за избор на претседател на Основниот кривичен суд Скопје, а постапката траеше речиси една година бидејќи оценувањето на кандидатите за судии и претседателите на судови се вршеше по новата методологија која вклучува повеќе квалитативни и квантитативни критериуми, кои вклучуваат и психолошки тестови и тест за интегритет.
Џолев беше единствен пријавен кандидат за претседател на најголемиот суд во државата. На седницата беше посочено дека Џолев е оценет со 200 бода. По неговиот избор, образложувајќи ги причините зошто гласале за Џолев, сите членови на Советот истакнаа дека станува збор за квалитетен кандидат, кој покажал одлични резултати во раководењето со судот во претходниот четиригодишен мандат и како в.д. претседател во изминатиот едногодишен период.
Иван Џолев, како што беше посочено и на денешната седница, е избран за судија во 2008 година, а првиот мандат како претседател на Основниот кривичен суд Скопје го доби во 2017 година.

Џолев, како што посочија членовите на Советот, ја зголемил ажурноста на Основниот кривичен суд Скопје, како и транспарентноста и отчетноста на судот.
„Во време на коронавирусот успеа до мал број судии и персонал да го одржи судот во функција”,
рече, меѓу другото, претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
На денешната седница Судскиот совет требаше да избере и претседател на Основниот суд во Тетово, но оваа точка беше тргната од дневен ред бидејќи се уште не бил готов извештајот од редовната контрола на овој суд од страна на Советот. На ова реагираше членката на Советот, Лорета Горгиева, која рече оти смета дека тоа што извештајот од редовната контрола нема врска со изборот на претседател на суд. Со неа не се согласи претседателката на Советот, Дамева, која рече дека треба да се утврдат сите факти.
Инаку, денеска освен претседател на Основниот кривичен суд Скопје, се избираа претседатели на Основните судови во Ресен и Виница, како и во Тетово, точката која беше тргната од дневен ред. За сите четири суда на огласот имаше само по еден кандидат, факт што како негативен го потенцираше и Дамева.
„Кога има повеќе кандидати и нам ќе ни биде полесно да го избереме најдобриот”,
рече претседателката на Судскиот совет.