Претседателот на Судскиот совет се бира со најмалку осум гласа од членовите на Советот кои имаат право на глас. Вакво право немаат членовите по функцијата, односно претседателот на Врховниот суд и министерот за правда
Судскиот совет подолг период е во фокусот на јавноста, а во последниот период тие се засилија по отворените критики од страна на новата власт и најавите за негово распуштање
Членовите на Судскиот совет на денешната прва седница во новата година, инаку 510. по ред треба да го изберат новиот претседател на ова телот, задолжено за избор, оценување и разрешување на судии.

Изборот на нов претседател доаѓа точно еден месец откако претходниот, Весна Дамева на 2 декември си поднесе неотповиклива оставка на функцијата, но стана да биде член на Советот. Во образложението на оставката, Дамева тогаш наведе дека во последниот период од страна на одредени политичари се правеле обиди да се наруши нејзиниот личен интегритет. Во оваа смисла, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Сепак, Дамева како член на Советот може да предлага и да гласа а нов претседател.
Инаку, дента кога Дамева си поднесе оставка, беше закажана итна седница за избор на нејзин наследник, но оваа точка од дневниот ред беше одложена, до, како што беше кажано комплетирање на Судскиот совет.
Така, на 11 декември за нови членови на Советот од редот на судиите беа избрани Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип. Претходно во септември, членови на ова тело станаа судијката Џенета Бектовиќ од Основниот кривичен суд Скопје, како член на Советот од редот на судиите припадници на заедниците, кои се помалку од 20 проценти од населението во државата, додека во јуни за нови членови беа избранисудиите Исамедин Лимани од Врховниот суд и Александар Камбовски од битолското апелациско подрачје.
Најголемо внимание во јавноста предизвика изборот на Данка Ристова, која е сопруга на градоначалникот на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ацо Ристов. Опозицискиот СДСМ реагираше на нејзиниот избор, оценувајќи дека станува збор за обид за поставување контролирано, партиско судство кое нема да им служи на граѓаните, туку на интересите на владејачката партија. Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија ваквите наводи, посочувајќи дека тие се доказ за очајот на СДСМ и нивната потреба да фабрикуваат скандали.
Претседателот на Судскиот совет се бира со најмалку осум гласа од членовите на Советот кои имаат право на глас. Вакво право немаат членовите по функцијата, односно претседателот на Врховниот суд и министерот за правда.
Инаку, советот брои вкупно 15 члена, од кои осум се бираат на непосредни избори од судиите, пет избира Собранието, од кои двајца на предлог на претседателот на државата и двајца се членови по функција.
Претседателот на Судскиот совет и неговиот заменик се бираат од членовите со право на глас, откако Уставниот суд во март 2023 година ја укина одредбата со која првиот меѓу еднаквите се бираше само од редот на членовите избрани во Собранието.
Судскиот совет подолг период е во фокусот на јавноста, а во последниот период тие се засилија по отворените критики од страна на новата власт и најавите за негово распуштање.
Собранието во декември не го усвои Извештајот за работата на Советот за 2023 година, што, како шпто најави, собранискиот спикер, Африм Гаши го отвора патот за разрерушање на петмина судии избрани од законодавниот дом. Актуелни членови на Советот избрани од парламентот се Селим Адеми, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска и доскорешната претседателка, Весна Дамева.
Премиерот Христијан Мицкоски во новогодишното интервју за МИА оцени дека овој состав на Судскиот совет можеби има легалитет, но нема легитимитет кај граѓаните, нагласува дека кадровскиот потенцијал којшто треба да го освежи ова тело треба да биде со импозантна цел и агенда пред себе.
Превирањата во Судскиот совет кои траат подолго време, имаа, условно каѓано своја кулминација во април и на почетокот на мај 2023 година, кога Весна Дамева беше незаконски сменета и на нејзино место за претседател беше назначен Сашко Георгиев. Нејзината смена тогаш наиде на критики од Европската Унија, а по неколку месеци, односно на крајот на 2023 година Управниот суд го поништи нејзиното разрешување, по што таа се врати на функцијата.

За поправање на состојбите во Судскиот совет се ангажирање и Европската Унија преку испраќање на Оценска мисија, која по скенирањето излезе со 40 препораки, од кои дел во доменот на самиот Совет, а дел ќе треба да ги донесе Собранието.
Во таа насока, изминатиот период се организираа јавни дебати за изработка на нови решенија во Законот за Судскиот совет, кој како што најави министерот на правда, Игор Филков треба да биде готово до средината на оваа година.