Реакцијата на судијката Оља Ристова следува по вчерашната седница на Судскиот совет на која Апелацискиот суд Скопје беше екипиран со осум нови судии, по четворица од кривичната и граѓанската област. Во вчерашната објава Фејсбук, Ристова вели дека изборот на судиите е скандалозен, а оти Судскиот совет мора итно да се распушти и реформира
За постапката на избор на судии во скопска Апелација вчера реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“. Исто како и Ристова, и оттаму велат дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат
Судијката Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје реагира дека при вчерашниот избор на судии во скопска Апелација, Судскиот совет не ја испочитувал ранг-листата и ги прескокнал повисоко рангираните кандидати без притоа соодветно да го образложи таквиот потег.
Ристова тврди дека по прво и второрангираните кандидати – судиите Лазар Нанев и Габриела Геориева – таа е трета на конечната ранг-листа, но дека е прворангирана судијка од Кривичниот суд Скопје, за кој вели дека е суд со најголем обем на сложени предмети. Оттука, додава дека првите тројца рангирани кандидати имаат значителна предност од над 10 поени во однос на другите кандидати подолу на листата.

„Две и пол години траеше постапката за оценување на судии во Апелациониот суд Скопје под изговор дека судиите се оценуваат по најновата методологија и со почитување на критериумите на квалитет, со цел да се изберат највисоко рангираните кандидати. Мој заклучок е дека Советот се потруди новата методологија да ја приспособи кон старите навики, со цел да не бидат избрани најдобрите кандидати со тоа што старите навики и аномалии при изборот се денеска наградени со недобивање гласови по Бадентер, како систем на елиминација на најдобрите. Оваа пракса со неизбор на судија по принцип на Бадентер не смее да премине во пракса на Судскиот совет и да биде изговор за непочитување на ранг листата“,
вели Ристова во реакцијата.
Додава дека вчерашната постапка за избор на судии во Апелација ќе ја обжали пред Врховниот суд по неколку основи, меѓу другото, и по основа на дискриминација по етничка припадност.
„Појаснувам дека јас бев избрана со мнозинство на гласови од членовите на Судскиот совет, но потоа повторно се гласаше по Бадентеровиот принцип. Од вкупно пет члена, три члена гласаа против за потоа да се донесе одлука дека не сум избрана. Во постапката по жалба ќе барам да се каже транспарентно, точно кои членови на Судскиот совет, од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот, гласале против и кое е нивното образложение“,
додава Ристова.
Постапката, додава Ристова, ќе биде целосно оспорена при што ќе биде опфатена и седницата на која се одлучуваше по приговорите за прелиминарната ранг-листа на кандидатите.
„Во текот на постапката по приговорите на дел од судиите без основ, надвор од деловникот, правилникот и усвоените ставови им беа уважени приговорите и „скокнаа“ за десет места нагоре на листата. Од друга страна, на дел од судиите кои приговаравме дека воопшто не сме добиле бодови за наши ангажмани за менторство, предавања и изработка на образовни материјали за Академијата за судии и јавни обвинители, приговорите не ни беа уважени со образложение дека не ја признаваат издадената потврда од Академијата за судии и јавни обвинители, иако е официјално издаден документ“,
посочува Ристова.
Вели дека Судскиот совет имал различни критериуми за рок за поднесување на документи по приговор, а на, како што вели, привилегираните кандидати, им било признаено доставување на документи и по утврдениот рок.
Ристова обвинува и за пристрасност на одредени членови на Судскиот совет за точно определени кандидати. Вели дека за „договорените“ кандидати се зборувало најдобро иако и други кандидати го имале истото портфолио. Од друга страна, вели дека други кандидати неосновано биле напаѓани, а за некои воопшто и немало произнесување за нивната работа како судии.
Судијката бара и да се изврши детална проверка на познавањето на странски јазик на сите кандидати кои поднеле сертификат, со цел да се потврди веродостојноста на сертификатите.
Реакцијата на судијката Оља Ристова следува по вчерашната седница на Судскиот совет на која Апелацискиот суд Скопје беше екипиран со осум нови судии по четворица од кривичната и граѓанската област.
Во вчерашната објава на својот фејсбук-профил, Ристова посочува дека изборот на судиите е скандалозен, а оти Судскиот совет мора итно да се распушти и реформира.
За постапката на избор на судии во скопска Апелација вчера реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“. Исто како и Ристова, и оттаму велат дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.