Инаку, на осомничените за нападот на вработените во М-НАВ, меѓу кои е и ексминистерот од редовите на ДУИ и актуелен претседател на чаирскиот огранок на оваа партија, Беким Незири, судија на претходна постапка во Кривичниот суд им одреди мерки на претпазливост, а не притвор, како што тоа го бараше Обвинителството
По многубројните реакции во јавноста предизвикани од одлуката на Кривичниот суд, според која на осомничените за упадот во М-НАВ им е одредена мерка претпазливост, а не притвор како што бараше Јавното обвинителство, денеска во врска со ова се произнесе Судскиот совет.

Во кусото соопштение објавено на веб-страницата на Советот, оттаму велат дека судовите се независни во своето постапување и одлучување. Додаваат и дека Судскиот совет ја следи работата на судовите во рамки на своите законски надлежности.
„Во врска со последните реакции на јавноста за случајот М-НАВ Судскиот совет ја известува јавноста дека судовите се независни во своето постапување и одлучување, а Судскиот совет во рамките на своите законски надлежности ја следи работата на судовите“,
се наведува во соопштението на Судскиот совет.
Инаку, на осомничените за нападот на вработените во М-НАВ, меѓу кои е и ексминистерот од редовите на ДУИ и актуелен претседател на чаирскиот огранок на оваа партија, Беким Незири, судија на претходна постапка во Кривичниот суд им одреди мерки на претпазливост, а не притвор, како што тоа го бараше Обвинителството.
По многубројните реакции, од Кривичниот суд соопштија дека судиите на претходна постапка постапувале врз основа на приложените докази од ОЈО Скопје и МВР, како и по сопствено убедување.
Според објаснувањето од Судот, од преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.
На ова реагираа од ОЈО Скопје, наведувајќи дека јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај е неоснована.
По реакцијата на Кривичниот суд дека не се приложени доволно докази за делото за кое се гонат осомничените, од Обвинителството објаснија:
„Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“.