Канцеларијата на Интерпол во Сараево ја внесе меѓународната потерница во системот, откако Судот на БиХ ја издаде. Тој налог, всушност, не е активен. Тоа може да го видат само луѓето кои работат во контакт-точките на Интерпол
Судот на Босна и Херцеговина побара распишување меѓународна потерница за претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и за претседателот на Народното собрание на Република Српска, Ненад Стевандиќ, откако ја преминале државната граница, а по нив има распишана внатрешна потерница, пишува „Кликс.ба“.
Судот на БиХ го поднесе барањето за меѓународна потерница до канцеларијата на Интерпол во Сараево, а за да биде ефективна, меѓународната потерница треба да биде одобрена од централата во Лион.
Државите не смеат да постапуваат по овој налог додека од Лион официјално не се одобри распишување потерница, нагласуваат медиумите во Сараево.
Додик ја премина државната граница во понеделникот првпат откако беше издадена потерница за негово апсење, со што се отвори можност за распишување меѓународна потерница. По краткиот престој во Србија, тој веднаш заминал во Израел, каде што и денес престојува.
Граничната полиција на БиХ истражува како Додик ја поминал границата, со оглед на тоа дека има информации дека делегацијата со ротациски светла го преминала граничниот премин Рача, без задолжително застанување.
Ненад Стевандиќ претходно ја премина државната граница, заминувајќи за Србија на денот на големите студентски блокади на 15 март. Тој по неколку дена се врати во БиХ, а на јавноста ѝ остана непознато како се вратил во земјата.
Двајцата, заедно со премиерот на РС, Радован Вишковиќ, се осомничени во случајот на Обвинителството на БиХ кој се однесува на кривичното дело напад на уставниот поредок. Неодамна беше распишана потерница за нивно апсење, но беше оценето дека безбедносниот ризик е преголем за вообичаената постапка на извршување на приведувањето.