Обвинителката Џејмс тврди дека открила докази дека компанијата на Трамп дала лажни информации во финансиските извештаи за вредноста на имотот како што се облакодери и терени за голф
Федералниот судија ја отфрли тужбата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп против државната обвинителка на Њујорк, Летиција Џејмс, дозволувајќи ѝ да ја продолжи нејзината граѓанска истрага за неговиот бизнис.
Окружниот судија на САД Бренда Санес во пресудата наведе дека нејзината одлука ја засновала на судската пракса, која во повеќето случаи им забранува на федералните судии да се мешаат во истрагите на државно ниво.
Санес ја донесе пресудата откако вчера њујоршкиот суд пресуди дека Трамп мора да одговара на прашања под заклетва во покренатата истрага, потврдувајќи ја пресудата на понискиот суд, кој бара тој да учествува во расправата.
Трамп ја тужеше Џејмс во декември, набргу откако таа издаде судски повик за неговото сведочење, во обид да стави крај на нејзината тригодишна истрага.
Поранешниот републикански претседател преку своите адвокати изјави дека истрагата е со политичка заднина и дека Џејмс, како демократка, ги прекршила нејзините уставни права во „прикриен обид јавно да го омаловажи него и неговите соработници“.
Џејмс одговори дека тужбата на Трамп е „колатерален напад“ врз нејзината истрага и дека нема правна основа и докази кои би го поддржале неговото тврдење дека истрагата е чисто политичка.
На рочиштето на 13 мај, кое ја забрза денешната одлука на судијата Санес, застапникот на јавното обвинителство рече дека истрагата се запира и дека доказите од неа се доволни за тужба против Трамп, неговата компанија или и за двете.
Специјалниот парничен адвокат во канцеларијата на Џејмс, Ендрју Амер, изјави дека се собрани значителен број докази кои би можеле да го поддржат покренувањето на извршната постапка, иако конечната одлука за поднесување тужба се уште не е донесена.
Амер додаде дека канцеларијата е на крајот од граѓанската истрага, за која Џејмс рече дека открила докази дека компанијата на Трамп дала лажни информации во финансиските извештаи за вредноста на имотот како што се облакодери и терени за голф.