Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево денеска информира дека повело постапка и предложило мерка притвор за 60-годишната извршителка Весна Јакимовскa поради сомнение дека сторила низа кривични дела во текот на вчерашниот ден
Основниот суд во Кичево го одби барањето на обвинителството за определување мерка притвор за извршителката Весна Јакимовска, која нападна новинар и полицаец.
Судијата на претходна постапка одлучи наместо притвор да се определи само мерка на претпазливост.
По ваквата одлука на судот, од Основното јавно обвинителство Кичево најавија дека во текот на утрешниот ден ќе вложат жалба на одлуката на судијата на претходна постапка.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кичево денеска информира дека повело постапка и предложило мерка притвор за 60-годишната извршителка Весна Јакимовскa поради сомнение дека сторила низа кривични дела во текот на вчерашниот ден.
Извршителката е осомничена дека најпрво физички нападнала службено лице – новинар и ја оштетила неговата опрема додека тој се обидувал да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување по конкретен предмет на извршување. Откако по нападот на новинарот била повикана да даде исказ во полициска станица, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал.
„ОЈО Кичево поведе постапка против извршителка за која постои основано сомнение дека во стек ги сторила кривичните дела – спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1, напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 2 од Кривичниот законик“,
се наведува во известувањето од обвинителството.
Од ОЈО Кичево додадоа дека притворот за извршителката бил предложен бидејќи во текот на целиот настан таа продолжила да се заканува поради што, како што посочуваат, јасно постои опасност од повторување на делото.
Инаку, нападот на Јакимовска врз полицаец од станицата во Кичево беше регистриран и во билтенот на МВР со вчерашен датум. Во полициската информација, меѓу другото, беше наведено дека извршителката била уапсена од страна на кичевската полиција синоќа околу 23 часот.
Новинарот Фуркан Салиу од „Портал икс“ вчера на социјалните мрежи информира дека бил физички нападнат од извршителката Весна Јакимовска додека заедно со екипа од својот медиум ја извршувал работната задача, односно снимал продолжение на серијалот истражувачки стории во врска со нејзината работа.
Новинарот Фуркан Салиу физички нападнат од извршителка во Кичево – ЗНМ со остра осуда за инцидентот
Министерството за правда денеска информира дека побарало од Комората на извршители да го испита случајот и доколку утврди законски пречекорувања, да преземе соодветни мерки.