Додека претседателот на Судскиот совет вели дека ако судиите не пријават, туку за притисоците само кажуваат во анонимни анкети, тогаш самите покажуваат дека немаат храброст, истражувањето кое беше спроведено неодамна покажа дека судиите немаат доверба ниту во Судскиот совет. Речиси 72 отсто од анкетираните не се согласиле со тврдењето дека Судскиот совет ја штити независноста на судството

Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, вели дека судиите треба да пријават за притисоците кои ги трпат, откако анонимната анкета спроведена за Проценката на состојбите во правосудството што пред два дена ја презентираше Мисијата на ОБСЕ во земјава, даде алармантни податоци.
„Ги охрабрувам и ги повикувам судиите кои биле анкетирани, каде констатирале дека имале влијанија, односно притисоци од претседатели на судови, од членови на Судски совет, слободно нека пријават. Ги охрабрувам дека таквата состојба е алармантна и доколку ја чувствуваат, слободно, тоа се судии, кои знаат како да пријават. Дали до Советот, ако немаат целосна доверба, има и други институции, обвинителство. Слободно нека пријават, а ние сме тука да се носиме со таквите проблеми“,
рече Георгиев.
Според него, со тоа што од една страна судиите тврдат такво нешто во анкетите, а не го пријавуваат, самите себеси си припишуваат дека немаат храброст.
„Во овој случај се доведува во прашање самиот интегритет на судиите. Во состојба кога тие пријавуваат во анонимни анкети некакви вакви аномалии, а од друга страна да не ги истакнат ваквите аномалии значи на некој начин си препишуваат самите на себе дека немаат доволно храброст. Апсолутно ги охрабрувам и поттикнувам, лично кај мене, во институции како обвинителство или кои било институции да пријават слободно. Конкретно со име и презиме“,
рече Георгиев.
Додека претседателот на Судскиот совет вели дека ако судиите не пријават, туку за притисоците само кажуваат во анонимни анкети, тогаш самите покажуваат дека немаат храброст, истражувањето кое беше спроведено покажа дека судиите немаат доверба ниту во Судскиот совет.
Резултатите од истражувањето спроведено во 2022 година укажаа дека кај самите судии има значителен скептицизам во поглед на способноста на Судскиот совет да ја исполни својата улога како бранител на судската независност. Повеќето судии или речиси 72 отсто од анкетираните не се согласиле со тврдењето дека Судскиот совет ја штити независноста на судството. Исто така, дури 73 отсто не се согласуваат и со тоа дека унапредувањето на судиите, кое е надлежност на Советот, се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми. Слично, значителен дел од судиите (65 отсто) изразуваат скепса во однос на транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии.
Во однос на притисоците, пак, дури 46 отсто од анкетираните во истражувањето (ретко, често или постојано) искусиле притисоци од своите колеги судии. Висок процент – 42 отсто навеле дека искусиле сличен притисок или влијание и од судии од повисок ранг, како што се претседателите на судовите или судиите од повисоките судови.
32 отсто од судиите во анкетата споделија и дека сведочеле или искусиле обиди за влијание и од членовите на Судскиот совет.