Во судскиот именик на ниво на Република Северна Македонија биле запишани вкупно 354 судии гласачи, од кои 295 судии го оствариле своето право на глас. Бројот на неважечки гласачки ливчиња е 42, додека неупотребени биле 59 гласачки ливчиња
Судиите Аритон Ала од Апелацискиот суд Скопје и Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип се нови членови на Судскиот совет, информирa вечерва претседателот на Комисијата за спроведување на избор на членови на Судскиот совет од редот на судиите, Субхи Јакупи, соопштувајќи ги прелиминарните резултати од денешните избори кои се одвиваа од 8 до 15 часот во изборните места во сите судови ширум земјава.
Како што посочи Јакупи, судијата Аритон Ала бил единствениот кандидат на изборната листа за избор на член на Судскиот совет од редот на судии од посебна листа на кандидати. Во судскиот именик на ниво на Република Северна Македонија биле запишани вкупно 354 судии гласачи, од кои 295 судии го оствариле своето право на глас. Бројот на неважечки гласачки ливчиња е 42, додека неупотребени биле 59 гласачки ливчиња.
„Кандидатот Аритон Ала од Апелациониот суд Скопје, бидејќи беше и единствен кандидат, добил 253 гласа, што значи е избран за член на Судски совет на Република Северна Македонија од редот на судии од посебна листа на кандидати од Изборна единица Република Северна Македонија“,
рече Јакупи.
За избор на член на Советот од апелациското подрачје Штип имало пет кандидати, додека во судскиот именик на ниво од апелациското подрачје Штип како изборна единица биле запишани 40 гласачи судии. Вкупниот број на судии кои го оствариле правото на глас е 39, додека само едно гласачко ливче било неупотребено, информира Јакупи.
Судијката Мери Гичева од Основниот суд Штип добила еден глас, претседателите на Основниот суд Штип и Апелацискиот суд Штип, Ацо Тасев и Тони Делев, добиле по три гласа, судијката на Основниот суд Штип, Невена Перица, добила пет гласа, додека судијката Данка Ристова од Апелацискиот суд Штип добила 27 гласа.
„Избран член на Судскиот совет на Република Северна Македонија од редот на судии од општа листа на кандидати од апелационо подрачје Штип е судијата Данка Ристова од Апелациониот суд Штип, која добила вкупно 27 гласа“,
соопшти Јакупи.
Секој кандидат има право на приговор во рок од пет часа од соопштувањето на резултатите. Доколку, пак, нема приговори, тогаш по 12 часа се прогласуваат конечни резултати, информира претседателот на Комисијата.