Денешната главна расправа треба да продолжи со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков
Забележав дека нема каде да се оди и се онесвестив. Се освестив на земја, а околу мене имаше паднати луѓе. Поголем дел од моето тело беше слободен, но врз нозете беше паднат човек, тоа беше Буцо Битбокс. Имаше деца паднати едни врз други. Мирисаше на изгорена пластика, чад имаше насекаде.

Ова во својот исказ даден во истрага, меѓу другото, го навела Александра Пепеларова. Нејзиниот и исказот на Дарио Трифунов денеска беа прочитани во судницата, откако на претходните рочишта Обвинителството и Судот не можеа да го обезбедат нивното присуство. И Трифунов и Пепеларова во своите искази во истрагата го опишуваат моментот кога се вклучиле прскалките од пиротехниката, но и двајцата не можеле да потврдат кое е точно лицето што ги внело и ги поставило.
„Од видеото што го имам снимано се гледа како во еден момент се вклучуваат прскалките, беа три прскалки. Потоа забележав дека се пали таванот. Точката каде што се запали беше на средината на бината. Пожарот беше проширен и видов две лица како го гаснат со ПП-апарати. Не можам да го опишам човекот кој ги подаде прскалките на бината“,
навела Пепеларова во дел од исказот што на денешното рочиште го прочита Обвинителството.
Двајцата оштетени потврдуваат дека во Пулс критичната вечер имало малолетници и дека полицијата вршела рација по почетокот на настапот на групата ДНК. Пепеларова во својот исказ навела оти полицајците присутни надвор додека горел објектот, не им помагале на лицата кои биле извлекувани.
„Полицијата која беше присутна не помагаше, стоеја настрана, си помагавме меѓу себе“,
рекла таа во исказот.
На читањето на исказите реагираа дел од бранителите на обвинетите, наведувајќи дека со тоа се воведува лоша пракса, замерувајќи му на Обвинителството што не успеало да ги обезбеди да дадат исказ во судница.
Имено, според одбраната, сведокот Дарио Трифунов е клучен, за да се покаже дека Мартин Атанасовски Буцо пристигнува и влегува во „Пулс“ и освен маица не носи ништо друго, ниту ранец. Според одбраната, од доказниот материјал отпаднале фотографиите и видеата од настанот што Трифунов бил задолжен да ги чува.
„Да беа изведени, ќе отпаднеше теоријата на Обвинителството дека тој ја внел пиротехниката во дискотеката и дека обезбедувањето требало да му изврши проверка“,
рече еден од бранителите на обвинетите, наведувајќи дека Обвинителството свесно ги прави недостапни овие сведоци.
Инаку, Обвинителството на почетокот на денешното рочиште информира дека добиле изјава од родителот на Дарио Трифунов, во која се вели дека неговиот син е во странство и нема да може да присуствува на денешното судење, како и во блиска иднина.
„Затоа предлагаме да се чита неговиот исказ, бидејќи ова лице како сведок е недостапно за органите на прогони“,
рекоа од Обвинителството.
Денешната главна расправа треба да продолжи со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков. Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.
