Одлуката ќе стане правосилна кога за неа ќе се изјасни и Советот за жалби при Врховниот суд
Судскиот совет на денешната седница одлучи да ја разреши судијката во Врховниот суд, Лидија Неделкова.
Претседателот на Советот, Киро Здравев, по тајното гласање соопшти дека одлуката била донесена едногласно.
„Разрешувањето е поради ненавремено, немарно несовесно извршување на нејзините работни обврски. Повреда на Судскиот деловник односно Коденсот за судска етика и сите три потврди се основани. Одлуката е донесена едногласно“,
вели Здравев.
Покрај разрешувањето, на Неделкова ѝ се забранува и извршување на судиската функција додека одлуката не стане правосилна. Правосилна ќе биде кога за неа ќе се изјасни и Совет за жалби при Врховниот суд, каде што Неделкова има право на жалба.

Таа вели дека очекувала ваков исход, а постапката за нејзино разрешување ја смета за тенденциозна и политички мотивирана. Најави дека ќе поднесе жалба и очекува, како што вели, „да се разбере“ со членовите на Советот за жалби при Врховен.
Зошто е разрешена?
Разрешувањето следува откако поранешниот нејзин колега, а сега веќе разрешен претседател на Врховен, Јово Вангеловски, поднесе претставка за утврдување одговорност. Неговата претставка се заснова на три точки, врз основа на кои тој тврди дека таа несовесно ја вршела својата работа. Прво, дека во периодот кога Врховен одлучувал за жалби 2018 во врска со референдумот, таа како член на еден од трите совети кои биле формирани за одлучување не била на работа.
Неделкова тврди дека излегла порано за да пречека сервисери за машината за перење и тогаш паднала и се здобила со фрактура на вилицата, а ѝ се скршил и мобилниот телефон. Тврдењето на Вангеловски, а и констатацијата на Советот е дека таа покрај тоа што излегла, не го ни известила судот дека не може да се врти за да одлучува за жалбите кои имале рок. Таа, пак, тврди дека немала како да го информира судот во тој момент, но и дека тоа не било пречка за работата на судот.
„Јас паднав, имав несреќа. И пишува и во моето произнесување, дека единствен телефон тој ми беше, само службениот. Паднав, ми правеа луксација на забите. Тие денови, сабота и недела (кога не била на работа, а требало да биде дежурна) немало зошто да има дежурства бидејќи беа поминати сите рокови за жалби, а тоа е така напишано за да звучи појако. Тоа не е точно, тие не провериле, кога го вратиле на доработка предметот не се обратиле до Врховен само го препишале истиот извештај со полоши зборови. Сите наводи дека сум го попречувала работењето, не само што нема штета, не само што сум ја обезбедила замената, тоа е така одлука на претседателот на судот, да обезбедуваме да имаме замени евентуално ако на некој му се случи. Последица нема никаква, за да се разреши некој за вакво нешто навистина треба да има некаква штетна последица“,
тврди Неделкова.
Втората точка поради која Вангеловски поднел претставка е што таа користела три дена годишен одмор без да добие решение од него дека може да го користи и трета причина, според неговата претставка, е што не сакала да прима предмети додека била во одделот за судење во разумен рок. Судијката, пак, тврди дека тоа не е точно и дека всушност станувало збор за стари предмети заостанати од други судии кои потоа биле распоредени кај неа, а не за нови. За истата основа, потенцира Неделкова, била покрената постапка и за друга нејзина колешка и била запрена бидејќи нема основ.
„Јас и колешката Марика Матевска за истото ова ни беше поднесена постапка. Нејзината се запре и замислете сега оваа моја постапка ќе биде различна, а за потполно истото. Не се работи за предмети кои не сум ги земала бидејќи во извештајот се прикажува дека тие веднаш треба да се земат. Тие беа предмети од 2017 и 2018 година, а тоа се случуваше 2019. Значи тие не беа решение од 2-3 судии, не беа мои предмети“,
изјави судијката.
Издвоено мислење: Претставката на Вангеловски е тенденциозна
Предлогот за разрешување и времено отстранување го даде тричлена комисија составена од членови на Советот. Нејзиниот предлог, според зборовите на Здравев, го поддржале сите 13 члена на Советот.
Меѓутоа, за време на денешната седница еден член на Судскиот совет, кој бил дел и од комисијата, Миљазим Мустафа, истакна дека има издвоено мислење.
Тој смета дека Неделкова не треба да биде разрешена бидејќи не е направена никаква штета ниту, пак, е нарушен угледот на судот. Според него, во постапката што се водела, Неделкова имала докази во своја полза и ги поткрепила своите аргументи, за разлика од Јово Вангеловски за чиј наводи во претставката немало докази.
Мустафа смета дека претставката на Вангеловски против Неделкова е тенденциозна.
Која е историјата на оваа постапка?

По поднесувањето на претставката од Вангеловски, предметот го работеше една Комисија која изготвила извештај, но беше вратен на доработка со цел прецизно утврдување на околностите. Меѓутоа, дојде до измени во составот на Комисијата бидејќи на еден од членовите му истекол мандатот, па на негово место дојде друг член на Судскиот совет.
Во извештајот од првичниот состав на Комисијата било предложено постапката да се запре, а во извештај на изменетиот состав на Комисијата, пак, предлог е Неделкова да биде разрешена.
Судијката денеска беше присутна на седницата на Судскиот совет и тврдеше дека во двата извештаи нема суштинска разлика и покрај тоа што првичната предлог-одлуката е со спротивен заклучок од втората. Таа заедно со нејзиниот адвокат, бараа збор на седницата токму за да го аргументираат тоа, но не им беше дозволено.
„Ништо ново нема, ниту има нови докази, ниту пак, подносителот на барањето имаше докази освен моите докази што ги доби Комисијата. Затоа извештајот е само проширен, додадени се некои неубави зборови за да биде оправдан предлогот за разрешување и токму затоа барав збор. Како што видовте, претседателот на Судски совет не ми дозволи. И како што кажа колега што го издвоил мислењето, Миљазим Мустафа, извештајот е неоправдан, не само што нема никакви последици туку не ни така како што е напишано ни во барањето на подносителот на претставката ниту во извештајот. Затоа, сакав да објаснам“,
изјави Неделкова по седницата.
Од Судскиот совет, пак, сметаат дека тоа не е потребно во оваа фаза на постапката.
„Таа се произнела на самата распарава. Пред Комисијата да изработи извештај се води расправа, на таа се повикуваат и судиите против кои се води постапка и нивните бранители и тие се произнесуваат по однос на барањето за поведување одговорност“,
вели претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев.
Тоа што не се одлучувало по првиот извештај, туку предметот бил вратен на доработка беше причина судијката да поднесе и кривична пријава против претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев, и уште две членки на ова тело. Таа ги товареше дека ги пречекориле границите на своите овластувања за да ѝ ги повредат правата, а од лични и политички причини влијаеле врз други членови на Судскиот совет при одлучувањата. Поточно, пријавените како членови на Судскиот совет не го прифатиле првичниот предлог на Комисијата, постапката против Неделкова да се запре, и влијаеле одлуката да се преиначи во предлог за нејзино разрешување, спротивно на закон.
„Членовите на Судскиот совет … наместо да го уважат, како што е досегашната пракса на постапување по ваквите предлози, без да дадат соодветни напатствија, го вратија предметот на доработка и покрај тоа што знаеле дека немаат доволен број гласови за одлука за враќање на предметот, затоа што им биле потребни осум односно седум гласови, согласно одредбите на член 8 и член 60-д од Законот за измени и дополнување на Законот за Судскиот совет на РМ (’Сл. весник на РМ‘ бр. 197 од 29.12.2017) по кој закон се водела постапката, иако за оваа одлука гласале само шест членови од вкупно дванаесет присутни. Сето ова било сторено од причина што се знаело дека членот на комисијата, судијата Зоран Караџовски, не е веќе член на Судскиот совет поради истекот на мандатот, па бил променет составот на комисијата, со изборот на второпријавената Г.С.“,
пишуваше во кривичната пријава на Лидија Неделкова до ОЈО Скопје.
За нејзината пријава одлучуваше Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, кое за десетина дена донесе одлука да ја отфрли кривичната пријава.
Од ОЈО Скопје соопштија дека утврдиле оти во септември лани Судскиот совет расправал за предлогот да се запре постапката против Неделкова (како што е предложено во првичниот извештај), но кога се гласало немало двотретинско мнозинство, па согласно законските одредби било оценето дека е потребно предметот да се доработи и списите биле вратени во Комисијата.
Потоа, изборот на новиот член на Комисијата кој доаѓа, според обвинителството, бил законски, со ждрепка. Оваа Комисија одржала состанок и гласала на 18 јануари 2021, но во соопштението кое на 8 февруари го објави ОЈО Скопје, пишува дека Комисијата до Судскиот совет сè уште немала доставено предлог-одлука за разрешување или запирање на постапката против Неделкова.
Обвинителството наведе и дека записниците од седницата на Судскиот совет кога било одлучено да се врати предметот на доработка, се забележува дека една од членките на Советот опфатени со пријавата на Неделкова воопшто не се јавила за збор. Другата, пак, се јавила и дала образложено мислење за кое, тврди обвинителството, не може да биде повикана на одговорност.
На Вангеловски му се суди поради неисплатен додаток на Неделкова
Екссудијата Јово Вангеловски, кој ја поднесе претставката против судијката, од друга страна, пак, седи на обвинителна клупа во процес каде што како оштетена се јавува токму Лидија Неделкова.

Тој е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластување бидејќи како претседател на Врховен не ѝ исплатил додаток на плата на судијката Неделкова. Според обвинителството, на 30 ноември 2018, Вангеловски како претседател на судот донел поединечни решенија за сите судии во Врховен и им утврдил додаток на платата од 35 проценти. Овој додаток законски им следува на судиите поради посебни услови за работа, постоење висок ризик и доверливост. Меѓутоа, такво решение тој не потпишал за Неделкова, која требало да земе додаток од 31 839 денари.
„Свесно, со намера потешко да ѝ ги повреди правата, обвинетиот не донел Решение за исплата на додаток на плата во износ од 31 839 денари за оштетената – судија во Врховниот суд, која во конкретниот период не користела отсуство од работа. Обвинетиот постапил спротивно на член 7-б од Законот за платите на судиите и член 7 од Правилникот за додатоци на плата, нивната висина и начинот на утврдување за судиите во Република Македонија донесен од Судскиот совет на Република Северна Македонија, со што го сторил кривичното дело кое му се става на товар“,
соопштија од ОЈО Скопје на 7 јули 2020, кога го подигнаа обвинението.
Судскиот процес за овој предмет пред Основниот кривичен суд во Скопје е во тек.
Која е Лидија Неделкова?
Името на Лидија Неделкова пред членовите на Судскиот совет се најде и на седницата одржана во петокот (12 февруари). Но, тогаш не како судијка за која треба да одлучат дали ќе ја разрешат или не, туку како кандидатка за претседателка на Врховниот суд.

Таа беше една од тројцата кандидати, но изборот со 12 гласа „за“ од можни 13 падна на судијката Беса Адеми.
Неделкова веќе беше на позицијата претседателка на Врховен суд. За врховна судијка беше избрана во март 2012, а во декември истата година застана и на чело на највисокиот суд.
Нејзината биографија открива дека кариерата ја почнала во 1986 година, прво како приправник, а потоа како стручен соработник во тогашниот Окружен суд Скопје. Сè до 1996 работела во Кривичниот оддел и Кривичниот совет на тој суд. Во 1996 е избрана за судијка во Основниот суд Скопје 2 во Кривичниот оддел, а од 2007 согласно тогашниот нов Закон за судови таа работела како судијка во Основниот суд Скопје 1 (сега Основен кривичен суд – Скопје), на кој беше избрана и за претседателка во 2009 година.