Портпаролката на Навална, во објава на својот профил на социјалната мрежа Икс, пишува дека Окружниот суд „Басман“ во Москва ја обвинува Навална за „учество во екстремистичка организација“
Суд во Москва наредил Јулија Навална, сопругата на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, да биде уапсена во отсуство, објави нејзината портпаролка Кира Јармиш, пишува Си-ен-ен.
Јармиш, во објава на својот профил на социјалната мрежа Икс, пишува дека Окружниот суд „Басман“ во Москва ја обвинува Навална за „учество во екстремистичка организација“.
Басманный суд заочно арестовал Юлю Навальную @yulia_navalnaya за “участие в экстремистском сообществе”. Быстрое признание заслуг.
— Кира Ярмыш (@Kira_Yarmysh) July 9, 2024
„Јулија Борисовна не им беше достапна на истражните органи во претходната истрага. Во врска со тоа таа е ставена на потерница“,
се наведува во соопштението на судот, пренесено од руските медиуми.
Судот појаснува дека одлучил да донесе превентивна мерка против Јулија Навална откако ја разгледал претставката на истражните органи.
Притворот, според пишувањата на руските медиуми, ќе се смета од моментот на екстрадиција на територијата на Русија или од моментот на задржување на територијата на Руската Федерација.
Алексеј Навални, кој почина на 16 февруари, отслужуваше затворска казна во регионот Јамало-Ненец на крајниот север на Русија.
Навални, кој беше најистакнатиот критичар на претседателот Владимир Путин во Русија и жесток противник на војната во Украина, одлежа 11 и пол години затвор за измама, непочитување на судот и прекршување на условната казна. Тој ги отфрли сите овие обвинувања како измислени и политички мотивирани.
Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, во видеопорака изјави дека ќе ја продолжи работата на својот сопруг и ќе се бори за слободна Русија.