Според коалицијата на организации, во која се „Амнести интернешнл“, „Оксфам“ и УНАИДС, кои спроведоа студија со 77 научници од 28 земји, новите вакцини треба да се развиваат во рок од девет месеци или помалку
Можно е за една година или за помалку првата генерација вакцини против ковид-19 да ја изгуби својата ефикасност, поради што ќе бидат потребни нови вакцини на глобално ниво, се вели во анализата на епидемиолози, вирусолози и специјалисти за инфективни болести што ја објавува лондонски „Гардијан“.
Научниците веќе долго време велат дека се потребни глобални напори за имунизација за да се неутрализира заканата од ковид-19, пред сѐ поради појавата на разни мутации на вирусот, при што некои се шират полесно, други се повеќе смртоносни, а трети се во состојба да ги надминат вакцините.
Според „People’s Vaccine Alliance“, коалиција на организации, вклучувајќи ги „Амнести интернешнл“, „Оксфам“ и УНАИДС, кои спроведоа студија со 77 научници од 28 земји, новите вакцини треба да се развиваат во рок од девет месеци или помалку.
Дури 88 отсто од испитаниците што работат во престижни институции како што се „Џонс Хопкинс“, „Јеил“,„Империјал колеџ“ и Универзитетот во Единбург сметаат дека недостигот на вакцини во многу земји веројатно ќе доведе до поотпорни мутации, но и тоа дека тековно одобрените вакцини во различни делови на светот се мешавина од стари и нови технологии.
Од особен интерес се вакцините на „Фајзер/Бионтек“ и на „Модерна“, кои можат да создадат вакцини против нови мутации во рок од неколку недели или месеци, но производството е секогаш потенцијален проблем. Тие се потешко достапни и во посиромашните земји, бидејќи вакцините се поскапи и мора да се чуваат на невообичаено ниски температури.