Лекарите кои препишувале хидроксихлорокин за лекување на ковид-19 за да го забават ширењето на вирусот, го направиле тоа без одобрение од Управата за храна и лекови и без докази за каква било клиничка корист, забележале авторите на новата студија

Луѓето кои земале лекови за маларија, кои Доналд Трамп ги промовираше како лек за ковид-19 во раните денови на пандемијата и во последните денови од неговото претседателствување, имале 11 отсто поголема веројатност да умрат од вирусот, покажа нова научна студија.
Авторите на студијата, кои ги објавија своите наоди во рецензираното списание „Биомедисин и фармакотерапи“ (Biomedicine & Pharmacotherapy), исто така процениле дека скоро 17 000 луѓе во шест различни земји, вклучително и во САД, починале откако се заразиле со ковид-19 и земале антималаричен лек хидроксихлорокин.
Трамп го пофали хидроксихлорокинот како чудотворен лек
Лекарите кои препишувале хидроксихлорокин за лекување на ковид-19 за да го забават ширењето на вирусот, го направиле тоа без одобрение од Управата за храна и лекови и без докази за каква било клиничка корист, забележале авторите на новата студија. Заклучоците од студијата „ја илустрираат опасноста од пренамена на лекови со ниско ниво на докази за управување со идни пандемии“, додаваат нејзините автори.
Авторите на студијата изјавиле дека користеле јавни бази на податоци за да го одредат бројот на пациенти со ковид-19 кои биле хоспитализирани во првите денови од пандемијата. Тие рекле дека потоа систематски прегледале 44 кохортни студии за да пресметаат дека имало зголемување од 11 отсто на смртноста поврзана со случаи кои вклучуваат употреба на хидроксихлорокин, заедно со околу 16 990 смртни случаи во болниците во САД, Белгија, Франција, Италија, Шпанија и Турција.
Трамп најпрво го фалеше хидроксихлорокинот како чудотворен лек што може да го излечи ковид-19 во март 2020 година, додека се бунеше против „локдаунот“, тврдејќи дека тоа ќе ја уништи американската економија.

Неговите изјави за лековите против маларија доведоа до зголемување на бројот на рецепти за лекот. Управата за храна и лекови, која ја одобри првата вакцина против ковид-19 дури во декември 2020 година, беше принудена да предупреди дека хидроксихлорокинот може да предизвика неправилни отчукувања на срцето и други срцеви проблеми.
Трамп ја отфрли раната студија
Регулаторната агенција исто така појасни дека лекот е одобрен само за третман на маларија, лупус и ревматоиден артритис. Трамп подоцна ја отфрли раната студија која покажа дека хидроксихлорокинот е неефикасен третман за ковид-19 како „изјава на неговите непријатели“.
„Тие им го даваа на луѓе кои беа… речиси мртви“,
рече Трамп во еден момент додека Белата куќа тврдеше дека тој самиот го земал лекот профилактички.
Трамп на крајот беше позитивен на ковид-19 на 26 септември 2020 година и беше хоспитализиран неколку дена. Тој се опорави откако лекарите го лекуваа со нов коктел од антитела кој беше речиси недостапен за пошироката јавност.