Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на својот фејсбук-профил информираше дека семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат во хотелите на територија на градот Скопје

ФОТО: „360 степени“
Семејствата на повредените од несреќата во Кочани кои во моментот се наоѓаат во Скопје, можат да ги користат услугите за сместување и исхрана во студентските и ученичките домови во Скопје, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).
Станува збор, како што велат од МОН, за студентските домови „Гоце Делчев“ во општина Карпош и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Гази Баба, „Пелагонија“ во Кисела Вода, како и за ученичките домови во рамки на државното училиште за рехабилитација „Партенија Зографски“ во Гази Баба и во ученичкиот дом во рамки на државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“ во Кисела Вода.
„Во овие моменти на заедничка жалост да се здружиме и заеднички да покажеме колку сме хумани. Секој кој може на каков било начин да помогне, да го стори тоа, затоа што така на најдобар начин ја покажуваме почитта кон оние што ги погоди оваа голема трагедија. Длабоко сочувство до семејствата на починатите, Бог да им даде сила да ги издржат овие тажни моменти. На повредените млади луѓе им посакуваме што поскоро закрепнување. Како Министерството, подготвени сме да пружиме поддршка таму каде што е потребно“,
се вели во соопштението од МОН.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски на својот фејсбук-профил информираше дека семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат во хотелите на територија на градот Скопје.
„Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Ја поздравувам иницијативата што ја реализираат скопските хотели за бесплатно сместување. Во овие тешки моменти најважни се солидарноста и поддршката од сите, да им помогнеме на нивните родители, фамилии, пријатели колку што можеме повеќе! Граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120“,
пишува Герасимовски.
Претходно градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски информираше дека во координација со Владата, а во соработка со ДУЦОР „Партенија Зографски“ и студенскиот дом „Томе Стефановски Сениќ“ Општината ќе обезбеди сместување и храна за членовите на семејствата кои имаат свои повредени на лекување во болниците во Скопје.