Според соопштението од српската полицијата, во текот на ноќта имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата, во кои е повреден и еден полицаец
Студентите синоќа околу 22 часот го блокираа влезот на зградата на Радио-телевизија Србија (РТС) во Белград и најавија дека блокадата ќе трае во наредните 22 часа. Во зграда на РТС денеска ќе можат да влезат само вработените на јавниот сервис.

Од утрово околу зградата на РТС се наоѓа големо полициско обезбедување.
Според соопштението од српската полицијата, во текот на ноќта имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата, во кои е повреден и еден полицаец.
Блокади има и пред Радио-телевизија Војводина и Телевизија Крагуевац.
Протестите почнаа откако новинарка на РТС ги нарече студентите кои протестираат како толпа.
„Вечерва новинарка на РТС не нарече толпа. Затоа вечерва ја блокираме зградата на РТС. Без насилство, без упади. Сите вработени ќе смеат да излезат од зградата – но никој не смее да влегува“,
велат студентите на Медицинскиот факултет во Белград.
Полицијата соопшти дека ќе интервенира само доколку демонстрантите се обидат насилно да влезат во зградата на РТС.
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека полицијата не дејствувала против демонстрантите, туку била нападната.
Како што пренесува телевизијата Н1, на снимките што се објавени и на социјалните мрежи јасно се гледа дека полицијата со палки напаѓа и тепа студенти и граѓани.
Протестите во Србија траат од ноември минатата година, а почнаа како резултат на револт откако при пад на натстрешница на Железничката станица во Нови Сад загинаа 15 лица.
Масовни протести се одржаа во Нови Сад, Белград, Крагуевац и Ниш, а најавен е и голем протест за 15 март во Белград.