Иако почетокот на новата академска година во Албанија беше одложен за една недела за да се овозможи поголема вакцинација, сепак денешниот ден, како што пренесува МИА, го одбележале повеќе инциденти, а најтензично било на Факултетот за историја и филологија во Тирана
Во Албанија денеска почна новата академска година, но во тензична атмосфера поради условот студентите да поседуваат сертификат за вакцинација или негативен тест на ковид-19, пренесува МИА.
Најтензично било на Факултетот за историја и филологија во Тирана, каде дошло до судир на студентите со тројцата полицајци кои биле на влезот во факултетот.
Оние што имале документ за вакцинација или негативен тест влегле без проблеми, но оние што не ги исполнувале условите, откако не им бил дозволен влез, почнале да негодуваат.
Националниот комитет на експерти за справување со пандемијата донесе одлука со која студентите задолжително треба да поседуваат сертификат дека се вакцинирани или негативен ПЦР-тест.
Со цел поголема опфатеност, Министерството за образование за една седмица го одложи почетокот на академската година за да им се даде можност на студентите да се вакцинираат, а Министерството за здравство отвори вакцинални пунктови во сите високообразовни институции.
Сепак, според надлежните, имунизирани се само околу 50 отсто од студентите. Најслаба опфатеност има на Универзитетот во Елбасан со само 30 отсто.