Промовирана платформата safetravels.gov.mk за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ (Safe Travels Stamp) и протоколи за безбедно патување на Светскиот совет за туризам и патување
Министерството за економија денеска ја промовираше платформата safetravels.gov.mk за имплементација на „Знак за безбеден туризам“ (Safe Travels Stamp) и протоколи за безбедно патување на Светскиот совет за туризам и патување, како и спотот со кој земјава ќе се обиде да привлече странски туристи како безбедна ковид-дестинација.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека седум комори и здруженија се дел од овој проект и придонесуваат да се имплементираат протоколите во сите сегменти во туристичката индустрија. Во тоа, како што кажа, е вклучена и швајцарската амбасада во земјава, која преку проектот „Паладиум“ подготви платформа за аплицирање и видео за промоција за безбедносниот печат на Северна Македонија.
„Обезбедена е и обука за сите членови од коморите кои ќе бидат обучувачи и контролори за имплементација и добивање на ознаката за безбедносен печат. Обврска да го контролира процесот има и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот“,
рече Бектеши и апелираше до сите чинители во туризмот да се информираат протоколите преку платформата safetravels.gov.mk и да ги имплементираат и да се сертифицираат за користење на безбедносниот печат.
Аплицирањето ќе се врши исклучиво преку платформата, а надзор над комисиите ќе врши комисија формирана од Министерството за економија.
Платформата safetravels.gov.mk сѐ уште не е достапна. Таа ќе биде место каде што сите бизниси од туристичкиот и угостителските сектор ќе можат да поднесат барање за да влезат во процес за добивање на знакот за безбеден туризам. Во неа се опфатени протоколите за безбеден туризам во 10 категории – угостителски објекти со храна, кафетерии, објекти за сместување на туристи, даватели на услуги во активен туризам, туроператори, туристички агенции, автокампови, ски-центри, музеи, превоз на патници и аеродроми. Барањето го пополнува секоја компанија за секој објект што ги исполнува пропишаните протоколи и избира кој да изврши проверка. По извршената проверка на терен, доколку објектот ги исполнува протоколите, добива знак за безбеден туризам и се впишува во електронскиот регистар, кој е јавно достапен на платформата. Знакот за безбеден туризам ќе содржи и код кој ќе служи за туристите лесно да пристапат до платформата и да поднесат поплака доколку објектот не ги почитува условите за безбедност согласно протоколите.