По собраните неопходни 100 потписи, иницијативата за референдум е поднесена до Државната изборна комисија (ДИК), изјави претседателот на Стопанската комора за енергетика и најави дека на 1 декември иницијативата се очекува да биде доставена до Собранието од каде што треба да се добие дозвола за собирање на 150 илјади потписи за укинување на Законот за приватизирање на електродистрибутивната мрежа
Стопанската комора за енергетика на Македонија иницира референдум за враќање на електродистрибутивната мрежа во државна сопственост, соопшти денеска претседателот на Комората, Ѓорѓи Манасков, кој истакна дека веќе е поднесена иницијатива до Државната изборна комисија (ДИК) и собрани се неопходните 100 потписи.
На 1 декември, пак, како што посочи Манасков, иницијативата се очекува да биде доставена до Собранието од каде што треба да се добие дозвола за собирање на 150 илјади потписи за укинување на Законот за приватизирање на електродистрибутивната мрежа од 2004 година со кој електродистрибутивниот систем ѝ беше продаден на приватната австриска компанија ЕВН.
„За да се реализира независна и стабилна енергија во Македонија најбитно е да се решат трите најголеми проблеми кои ги имаме во моментов. За да излезе Македонија од енергетската криза мора прво да си ја вратиме во државна сопственост електродистрибутивната мрежа заради финансиите кои изнесуваат речиси 500 милиони евра годишно и одат надвор од државата. Со тие средства би можеле да изградиме наш ‘Чебрен’ и ‘Галиште’ и наши хидроцентрали со кои ќе можеме да ја балансираме енергијата. Тоа е многу битно бидејќи во моментов се градат многубројни фотоволтаични електрани“,
изјави Манасков пред почетокот на петтата меѓународна конференција за енергетика што денеска се одржува во Скопје на тема: „Независна стабилна енергија во Македонија“.
Претседателот на Комората нагласи дека вториот проблем е инвестирањето во нови видови на енергија како што се е-централи, односно безжични електрични централи со кои, како што кажа, би се приспособиле на новитетите од иднината. Третиот проблем, пак, како што кажа, е секој што сака да гради фотоволтаици да може да гради со онолкава моќ колку што му треба без разлика дали станува збор за домаќинство или производствен капацитет.
„Малку е да се ограничи капацитетот на фотоволтаиците на 6 киловати за домаќинство и 40 киловати за производствен капацитет. Треба да се направи поголем опсег и секој да си изгради колку што му е потребно и без многу проблеми со дозволи од општини. Тоа е така зашто треба да имаме што поевтина електрична енергија за да имаме поконкурентно производство и да можеме да извезуваме надвор по многу пониски цени од сегашните“,
потенцира Манасков.
Нагласи дека во моментов увезуваме многу електрична енергија и додаде дека е неопходно да се формира Министерство за енергетика за, како што рече, да се стави крај во безредието.