Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи и приватни доктори по дентална медицина, денеска одржа онлајн протест под мото „Стоматологијата на респиратор“.
Алармираа дека поради ковид-кризата приватните ординации се пред банкрот и бараат мерки за помош од државата.
„Земајќи го во предвид фактот што во изминатиот период се случи покачување на приходите од страна на ФЗО на име „капитација“ за здравствените установи во мрежата од општа стоматологија, а притоа не земајќи го во предвид фактот што расходите четирикратно се зголемија, а паралелно поради ковид кризата се покачија и сите останати трошоци, стоматолошките здравствени установи не можат да ги исполнат законските услови од четвртиот пакет мерки за помош на владата и да земат финансиска помош. Дополнителен факт е што во општа стоматологија преку 800 тимови се со помалку од 1.500 капитирани пациенти кои и до сега не беа во можност да ги покријат основните трошоци за да би исплатиле минимални плати по тим, а оваа година посебно во изминатите месеци, дополнително се влоши финансиската ситуација заради рестриктивниот режим на работа и отсуството на пациентите поради страв од ковид-19“,
велат од Здружението.
Најавија дека до надлежните институции ќе поднесат конкретни барања за субвенции од државата, но и за системски промени во моделот на финансирањето.
„Финансиска помош во вид на субвенции кои ќе се исплаќаат кај сите тимови кои имаат склучено договор со ФЗО, а имаат под 1.500 капитирани пациенти, ФЗО да им доисплати сума до 1.500 капитирани пациенти. Кај установите кои работат надвор од мрежа да се исплатат минимални бруто плати за вработените. Месечна финансиска помош за сите стоматолошки приватни здравствени установи за користење надстандардна заштитна опрема поради ковид пандемијата. Финансиската помош да се исплаќа сѐ додека трае кризната состојба. Промена на уредбата на Владата за утврдување на мрежа во општа стоматологија наместо 1.000 жители на еден тим – стоматолог и сестра, тоа да биде согласно Европскиот просек од 1.500 до 2.000 жители на еден тим. Во Закон за здравствена заштита внесување на Методологија за пресметка на минимални референтни цени на стоматолошки услуги. Дефинирање на минимална плата за стоматолог и сестра во приватниот сектор, по примерот на јавно здравство. Барање до ФЗО минималните референтни цени да ги пресметува согласно предложената Методологија од здружението. Напуштање на финансирањето во општа стоматологија по моделот на капитација и градење на нов модел на финансирање според завршена стоматолошка услуга со утврден минимален загарантиран праг на месечен износ по тим и анализа на реализираните услуги до и над договорениот фиксен дел“,
се барањата на Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи.
Претседателот на здружението Жарко Ѓорѓиев, порача дека овој протест е почетен, и најави дека ќе продолжи се додека нема одговор и не се седне на преговарачка маса да се реши проблемот.
„Нашите барања ќе бидат проследени до премиерот, Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување со надеж дека ќе добиеме повратен одговор со цел што поскоро да почнеме со преговори и да се реализираат барањата“,
рече Ѓорѓиев.
