Шефот на американската дипломатија Блинкен пак, оцени дека војната во Украина „веројатно ќе потрае значителен временски период“
Руската војна во Украина влегува во „критична фаза“ благодарение на контраофанзивата на Киев, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Украинските сили успеаја да ја запрат офанзивата на Москва во Донбас, да нападнат зад руските линии и да ја вратат територијата. Само во изминатите неколку дена, видовме дополнителен напредок и на југ во Херсон и на исток во регионот Харков“,
рече тој за време на денешната прес-конференција со американскиот државен секретар Антони Блинкен.
Тоа, според Столтенберг, ја покажува „храброста, умешноста и одлучноста на украинските сили. И тоа покажува дека нашата поддршка прави разлика на првите линии секој ден“.
„Западната солидарност не смее да попушти сега, и покрај енергетската криза и зголемените трошоци за живот. Но, цената што ја плаќаме се мери во пари, додека цената што ја плаќаат Украинците се мери со животи. И сите ние ќе платиме многу повисока цена ако Русија и другите авторитарни режими видат дека се наградува нивната агресија. Ако Русија престане да се бори, ќе има мир. Ако Украина престане да се бори, таа ќе престане да постои како независна нација. Затоа мораме да продолжимеж за Украина и за нас“,
рече тој.
Шефот на американската дипломатија Блинкен пак, оцени дека војната во Украина „веројатно ќе потрае значителен временски период“.
„Украина постигнува вистински, видлив напредок во контраофанзивата, во обид да врати делови од земјата кои беа окупирани од Русија, Многу руски војници во Украина не ни знаат што воопшто прават таму. Некои не ни знаеја каде ги испраќаат. Извештаите покажуваат дека имаат морални проблеми. Кога не знаеш за што се бориш, тоа не е одржливо“,
рече Блинкен.
Тој смета дека Русите на крајот ќе сфатат што значи оваа инвазија за нив.
„Како тоа што го прави Путин ги подобрува нивните животи? Како тоа им помага? Каква иднина ќе имаат, какви можности ќе имаат? Никакви, токму спротивното. Путин ја отсекува Русија од светот. Тој ги исцрпува ресурсите што му се потребни на рускиот народ“,
рече Блинкен.
Тој додаде дека „нема проток на информации во општеството на Путин“.
„Но, верувам дека граѓаните на Русија ќе дојдат до нив. Русите мора да се запрашаат зошто губат толку многу животи, обидувајќи се да одземат земја што не е нивна“,
рече Блинкен.