Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во интервју за норвешката јавна телевизија изјави дека чувствува голема лична одговорност во обидите да се стави крај на војната во Украина на начин што ќе и обезбеди на оваа земја да остане независна и демократска држава во Европа.
„Најдобар начин да се постигне ова е да се поддржи Украина за да добие воена сила што ќе го натера рускиот претседател Путин да разбере дека мора да преговара со основната претпоставка дека Украина е независна нација“,
вели Столтенберг.
Рускиот претседател Путин при посетата на Киргистан ја спомена можноста за договор истовремено тврдејќи дека, како што ја нарекува, специјална воена операција се одвива според планот и без проблеми. Но, ситуацијата на теренот го покажува спротивното – од четирите украински региони кои Русија ги окупираше и ги прогласи за своја територија, руските и проруските сили немаат целосна контрола врз нниту еден од нив, а пред еден месец се повлече од Херсон.
„Оваа војна најверојатно ќе заврши со преговори, но знаеме дека она што ќе се случи на преговарачката маса зависи од силата на бојното поле. Дури кога претседателот Путин ќе сфати дека Украина има сила да спречи некој друг да ја преземе контролата врз неа, Русија ќе излезе со таква понуда што ќе и овозможи на Украина да продолжи да постои како независна нација“,
изјави Столтенберг.
На прашањето што треба да се обезбеди за Украина да не заврши како губитник, Генералниот секретар на НАТО одговори:
„Останува на Украинците да ја направат таа тешка проценка, а не ние. Не можеме да ја одредиме иднината на Украина во Брисел, Вашингтон или Лондон. За ова треба да решат во Киев.“
САД потврдија дека испраќаат дополнителна воена пратка во Украина вредна 275 милиони долари која се состои од елементи за противвоздушна одбрана со кои би требало да се спречат руските напади енергетската инфраструктура на земјата.