Генералниот секретар на НАТО смета дека одлуката на Путин за анексија е најсериозната ескалација од почетокот на војната
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека одлуката на Путин за анексија е најсериозната ескалација на конфликтот откако Москва ја нападна Украина во февруари.
„Путин мобилизираше уште стотици илјади војници, неодговорно ѕвечка со нуклеарно оружје и сега незаконски анектираше неколку украински региони. Ова е најсериозната ескалација од почетокот на војната“,
рече Столтенберг на прес-конференција на која ја потврди поддршката на НАТО за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Столтенберг ја осуди руската анексија на четири украински провинции како „нелегална и нелегитимна“.
„Ова е најголемиот обид за анексија на европска територија со сила од Втората светска војна“,
изјави Столтенберг.
Членките на НАТО не признаваат и нема да признаат ниту еден дел од оваа територија како дел од Русија, рече тој, повикувајќи ги сите земји да ја отфрлат анексијата.
Во врска со барањето на Украина за влез во НАТО, Столтенберг рече дека одлуката мора да ја донесат сите 30 членки со консензус.
Според него НАТО е фокусиран на воена помош за Украина, а членството „останува отворено“, рече тој.
„Секоја демократија во Европа има право да аплицира за членство во НАТО, а сојузниците во НАТО го почитуваат тоа право“,
нагласи тој, додавајќи дека Алијансата го поддржува правото на Украина да го избере својот пат.