Според генералниот секретар на НАТО, многу често сојузниците кои биле дел од Варшавскиот пакт од Источниот блок прво се зачлениле во НАТО, па потоа во ЕУ
Членството во НАТО е есенцијалната и суштинска меѓа кон членството во ЕУ, ѝ порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на Северна Македонија во своето обраќање од Собранието, откако претходно со премиерот Димитар Ковачевски одржаа заедничка прес-конференција во Владата.

„Сојузниците во НАТО гарантираат за безбедноста на Северна Македонија. Во изминатите три години по вашето членство во НАТО видовте повеќе странски инвестиции, зголемен раст и повеќе работни места. Мирот и стабилноста се предуслов за економски просперитет“,
порача денеска во своето обраќање во Собранието на Северна Македонија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Столтенберг посочи и дека патот до членство во НАТО за Северна Македонија бил долг и полн со предизвици.
„Вашата држава се одлучи да биде дел од НАТО пред 30 години. Ваквото патешествие бараше истрајност, одлучност и посветеност на реформи. Со политичка храброст и визија успеавте да постигнете историски компромис со Грција. Преспанскиот договор го овозможи членството во НАТО. Истиот договор придонесе и во добрососедските односи за посветла иднина на народот на Северна Македонија. Во март 2020 година конечно ја постигнавте вашата амбиција и станавте полноправна членка на НАТО“,
додаде Столтенберг.
Тој посочи оти е уверен дека членството во НАТО на Северна Македонија беше поздравено како светло во темнината. Како што рече, дури и во првите денови, придобивките од членството за државата беа очигледни.
„Денес сојузниците во НАТО гарантираат за безбедноста на Северна Македонија. Сојузниците стојат рамо до рамо да заштитат и да се одбрнаат од другите“,
додаде Столтенберг.
Според него, преку членството во НАТО не само што се обезбедува безбедност туку и предуслови за економски напредок.
„Многу често сојузниците кои биле дел од Варшавскиот пакт од Источниот блок прво се зачлениле во НАТО, па потоа во ЕУ. Членството во ЕУ ќе ја зајакне вашата демократија и ќе зголеми можности за младите. Ве охрабрувам да бидете постојани и постојано да работите на тоа, како што работевте за членство во ЕУ“,
посочи Столтенберг.