Столтенберг изрази благодарност до Данска, Холандија и Норвешка за нивната подготвеност да ѝ обезбедат на Украина ловци Ф-16, како и до земјите каде што ќе се обучуваат украинските пилоти
Оваа година очекуваме НАТО-сојузниците да ги зголемат трошоците за одбрана во просек за осум отсто. Oва е најголем пораст на трошоците во последните децении, но тоа е неопходно, бидејќи кога ќе се зголемат тензиите, треба да се инвестира во безбедноста, изјави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, на сослушувањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
Според него, рускиот претседател Владимир Путин направил најмалку две грешки со инвазијата на Украина – ги потценил Украинците и одговорот на Aлијансата.
„Земјите од НАТО и ЕУ му даваат невидена помош на Киев со артилерија, ракети со долг дострел, противвоздушна одбрана, муниција и обука“,
истакна тој.
Столтенберг изрази благодарност до Данска, Холандија и Норвешка за нивната подготвеност да ѝ обезбедат на Украина ловци Ф-16, како и до земјите каде што ќе се обучуваат украинските пилоти.
„Украинците постепено ги враќаат заробените земји, тоа е тешка битка, тие ги пробија руските одбранбени линии и напредуваат. Со војната во Украина, Путин очекуваше да го ограничи НАТО, но го постигна спротивното – пактот го прошири своето присуство на источното крило, ја прифати Финска и наскоро очекува да го поздрави приемот на Шведска. Очекувам турскиот парламент да го ратификува членството на Шведска подоцна оваа есен, што е можно поскоро“,
рече Столтенберг.