„Говорот на претседателот Путин покажува дека војната (во Украина) не оди според планот. Тој направи голема грешка во проценката“, рекол Столтенберг
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска го обвини претседател на Руската Федерација, Владимир Путин за „опасна реторика“, откако рускиот лидер изјави дека Москва е подготвена да ги искористи сите средства од својот арсенал поради војната во Украина.
„Ова е опасна и безобзирна нуклеарна реторика. Ова не е ново, бидејќи веќе го направи истото повеќе пати. Тој многу добро знае дека нуклеарна војна не смее никогаш да биде водена и дека во неа не може да има победник, а тоа ќе има невидени последици за Русија“,
изјавил Столтенберг на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њуjорк, пренесува регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“.
Тој изјавил дека НАТО „ќе се погрижи да нема забуни во Москва“ околу подготвеноста на НАТО сојузот да се брани.
„Како ќе реагираме, секако, зависи од видот на ситуацијата“,
рекол Столтенберг.
Тој потенцирал дека најважно е да се спречи да не дојде до тоа.
Генералниот секретар на НАТО изјавил дека западната воена алијанса до сега не забележала никакви промени во „нуклеарниот став на Русија“, но дека многу внимателно го следат.
Рускиот претседател, Владимир Путин денеска во говор изјави дека Москва ќе ги употреби сите средства кои и се на располагање за да ја заштити Русија и нејзиниот народ и нареди делумна војна мобилизација.
„Говорот на претседателот Путин покажува дека војната (во Украина) не оди според планот. Тој направи голема грешка во проценката“,
рекол Столтенберг.
Тој укажал дека Москва би можела да има проблеми со ефикасно распоредување на нови воени сили по досегашните проблеми со опремата, како и со команданата структура и контролата над воените трупи.
„Повеќе сили ќе го ескалираат судирот. Тоа значи повеќе загубени животи…Претседателот Путин може да и стави крај на војната со повлекување на своите сили, со прекин на инвазиите на други земји“,
изјавил Столтенберг.
Тој, исто така, потенцирал дека НАТО сојузниците ќе продолжат да и даваат „поддршка без преседан“ на Украина во текот на војната.