Откако денеска ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе во Собранието предлог-резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции по однос на евроинтеграциите и блокадите кои што се наметнуваат, пратеничката Дафина Стојаноска ги повика и пратениците од другите партии да се потпишат на документот и тој заеднички да се изгласа за, како што вели таа доброто на Република Македонија.
„Се работи за државнички позиции кои што Република Македонија конечно ќе ги заземе при преговорите. И сметам дека овој документ ќе ѝ биде од помош на власта при преговарањето и при заземањето на една рамноправна положба кога се преговара. Не смееме да се доведеме во состојба некој нас да нè уценува, ние да бидеме уценуваните кога се работи за македонскиот јазик, за македонската историја, култура односно за македонските црвени линии, а тоа се македонскиот идентитет“,
кажа Стојаноска во гостување на емисијата „10 минути“ на ТВ21.
Таа посочи дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат како свој просторен така и свој временски континуитет и согласно меѓународните права за еднаквост и за почитувањето на различностите не треба да се дозволи некој да помисли или да се меша во внатрешни работи на една држава.
„Македонија според Уставот е рамноправна, независна и суверена држава. Значи ако ние се поставиме во таква позиција тогаш јас не би се зачудила утре да се појавата и други уцени, други барања, други условувања, и така се подалеку остануваме на патот кон евроинтеграциите. Затоа е потребно да заземеме еден цврст став кој што став ќе биде поткрепен со поддршка од сите останати пратеници и така би ја олесниле позицијата која што треба да ја брани власта во моментов, оние кои што се задолжени за водење на надворешна политика итн.“,
нагласи Стојаноска.
Сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја потпишаа предлог-резолуцијата. Очекувањата се дека пратениците на СДСМ, ДОМ, Левица, ДС и ЛДП кои се изјаснија за декларацијата да ги стават потписите на овој документ.