Иако односот на Бугарија кон Македонија и Македонците е исклучително нечесен и провокативен, во име на повисоката цел, интеграција во ЕУ и надминување на условениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, Ангелов изрази поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав, порача Ангелов, стои во соопштението од Достоинство
Актуелниот лидер на Достоинство, Стојанче Ангелов и во следните четири години ќе ја предводи партијата, откако на 4. Конгрес на Достоинство што се одржа денеска едногласно е реизбран на оваа фунакција.
На Конгресот, како што се наведува во соопштението објавено на Фејсбук, покрај претседател на партијата е избран и генерален секретар и Извршен комитет, а воедно е усвоен и нов партиски статут.
Единствен кандидат за претседател беше актуелниот претседател, Ангелов.
За генерален секретар на Достоинство е реизбран досегашниот генсек на партијата, Драган Василевски. Во Извршниот комитет, кој брои девет члена, покрај Ангелов и Василевски, избрани се Горан Здравковски, Звонко Тренчовски, д-р Страшо Глигоров, Богослав Лескаровски, Владимир Лазаров, Сашо Величковски, Зоран Китаноски.
Станува збор за поранешни, односно пензионирани полициски и армиски офицери.
Ангелов по изборот пред присутните делегати го образложи планот и програмата на Достоинство за следниот четиригодишен период, во кои меѓу останатото главниот фокус ќе биде ставен на промена на изборниот модел, односно усвојување на концептот за една изборна единица, потоа развој на демократските процеси, владеење на правото и правна држава, борба против корупцијата и организираниот криминал и влез на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Старо-новиот лидер на Достоинство најави и поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав.
„Иако односот на Бугарија кон Македонија и Македонците е исклучително нечесен и провокативен, во име на повисоката цел, интеграција во ЕУ и надминување на условениот почеток на преговорите за членство во ЕУ, Ангелов изрази поддршка за влез на Бугарите во македонскиот Устав“,
стои во соопштението од Достоинство.
За односот на државата кон бранителите Ангелов изрази генерално незадоволство од сите досегашни власти.
Тој на Конгресот информирал и за иницијативата која вчера била доставена до Владата за праведно обесштетување на петнаесетина семејства на загинати бранители како и триесетина воени инвалиди кои сè уште не се обесштетени.
Во завршните зборови Ангелов напомена дека Достоинство на следните парламентарни избори ќе учествува во коалиција единствено доколку партијата добие добитно пратеничко место и влез во републичкото Собрание.
„Во спротивно најави самостоен настап на Достоинство на следните парламентарни избори, без разлика кога ќе се одржат“,
се наведува во соопштението.
Ангелов е актуелен директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).