Претседателот Стево Пендаровски мора да одговори кој тоа барал од него амнестија, изјави портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, откако во интевју за емисијата „Трилинг“, Пендаровски откри дека пред неколку месеци од „некои актери на политичката сцена“ бил консултиран околу можноста за амнестија на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Пендаровски веќе денеска мора да одговори кој тоа барал од него амнестија? Пендаровски вели дека бил, цитирам ‘консултиран од некои актери на политичката сцена’ за амнестија, па затоа сега мора да биде прецизен и јасен, да наведе кој тоа од политиката го консултирал Пендаровски пред неколку месеци за амнестија“,
рече Стоилковски.
Инаку, Пендаровски беше прашан и дали потпишувањето на измените на Кривичниот законик е во насока за добивање поддршка за втор мандат. Пендаровски одговори дека мотивацијата ја кажал претходно.
„Ако некој мисли дека во петтата година од својот мандат, со потпишување или непотпишување на еден единствен закон, ќе добие политичка поддршка од некои битни политички чинители во актуелната влада за евентуален втор мандат, тој не разбира ништо од политика“,
рече тој.