Минаа изборите и стаса сметката за неодговорното работење на Зоран Заев. Струјата поскапува околу 7,5 %, реагираат и денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако вчера Регулаторната комисија соопшти дека поскапува цената на електричната енергија.
„Сега граѓаните од свој џеб ќе ги плаќаат скапите тендери кои ги прават Заеви во РЕК и партиските и непотистичките вработувањата кои изминатите години СДСМ и Заев ги правеа во енергетските компании на државата. Дополнително, се она што беше предизборен поткуп за наводна поддршка на граѓаните, СДСМ побрза да си го земе назад, но неколку кратно повеќе. Згора на се без срам претседателот на РКЕ се фали дека за сметка од 1500 денари зголемувањето ќе било само 100 ден. Почитувани, сметките за електрична енергија не се чист процент за пресметување. На таа зголемена цена има и ДДВ од 18 %. Оттаму ве уверуваме дека зголемувањето на сметка од 1 500 денари ќе биде многу повеќе од 100 денари и ќе се движи и до 500 денари“,
рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Според пресметките со кои излезе, Стоилковски тврди дека ако се земе предвид дека граѓаните плаќаат во просек сметки по 3 000 денари месечно, поскапувањето ќе биде речиси 1 000 денари поскапа струја месечно, односно до крајот од годината секое семејство ќе треба да одвојува дополнителни 12 илјади денари или 200 евра повеќе од својот семеен буџет.