„Дадов докази и барам одговор од надлежните институции. Се распрашав во меѓувреме. Велат дека IP-адресите ако не се посебно компјутерски заштитени или немаат некоја друга крипто заштита, се лесни за наоѓање и многу лесно може да се констатира од каде бил вршен упадот во системот за видеонадзор во министерството“, вели вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците
Во Министерството за односи меѓу заедниците има поставен видеонадзор кој се контролира со далечинско упаравување на уредите, а во кој се прави упад од непознати IP-адреси. Ова денеска го изјави заменик-претседателот на Владата и министерот за односи меѓу заедниците на ТВ Канал 5, посочувајќи дека за случајот доставил и извештај до Управата за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи.

„Како заменик-претседател на Владата имам соодветни и безбедносни мерки околу мене и луѓето кои се грижат за тоа направија проверка контра тероризам во министерството. Сакаа да востановат кој е надлежен за видеонадзорот, кој го контролира. Но, немаше одговор на тоа прашање. Тогаш се обратив до фирмата која го сервисирала, односно која го монтирала видеонадзорот во министерството, односно во зградата на Владата. Ја повикавме фирмата, за која мојот претходник вика дека не постоела, а се вика ‘Мак аларм‘, да изврши увид над видеонадзорот однадвор и однатре“,
вели тој.
По увидот, според Стоиљковиќ, фирмата доставила извештај во кој се вели дека е овозможен пристап за далечинско следење на уредите за снимање на видеонадзорот.
„Го прашав надлежното лице што значи тоа. Тој ми кажа дека вчера во толку и толку часот од таа и таа IP-адреса е вршен упад во системот. Додека јас сум министер во тоа министерство. Ја замолив фирмата да ми достави соодветен извештај, кој после тоа ќе можам да го доставам до институциите. Надлежното лице ми рече дека тоа се десетина илјади страници. Им кажав да биде на стотина страници за да можам да го документирам случајот“,
рече Стоиљковиќ.
Негово е само да собере докази, како што рече, да ја констатира состојбата и сето тоа да го проследи до службите, како Управата за компјутерски криминал при МВР, која добила извештај од фирмата и од министерството.
„Дадов докази и барам одговор од надлежните институции. Се распрашав во меѓувреме. Велат дека IP-адресите ако не се посебно компјутерски заштитени или немаат некоја друга крипто заштита, се лесни за наоѓање и многу лесно може да се констатира од каде бил вршен упадот во системот за видеонадзор во министерството“,
рече министерот.
Според него, во министерството има 296 вработени, а преку К-5 програмата биле распределени 184 вработени, а уште 12 биле примени.
„Министерството речиси да е еднонационално. Но, во изминатиот период успеав да сработам голем број предмети. Системот мора да функционира, без разлика кој го сервисира“,
вели тој.
Стоиљковиќ не гледа ништо спорно во однос на своите политички убедувања со оглед дека своето работење целосно го усогласил со програмските определби на владата. Правејќи аналогија со поранешниот технички премиер Талат Џафери, со доза на сарказам, кажа дека токму средбите на Џафери со луѓе на Кадиров му помогнале да ја заземе челната позиција во Владата.