Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба со единствена казна затвор од три и пол години. Покрај него, осуден е и Т.Ѓ., претходно вработен во Општина Карпош. За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување Судот му изрече условна казна од две години затвор
Основниот кривичен суд Скопје му досуди казна затвор од три и пол години на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со градењето на административната зграда на Општината.

Кривичен го осуди Јакимовски за две дела – бесправно градење и злоупотреба на службената положба. За бесправната изградба на општинскиот објект Судот му изрече казна затвор од една година, а за злоупотреба на службената положба и овластување затворска казна од три години.
„Со оглед дека на обвинетиот С.Ј. му се суди истовремено за две кривични дела, Судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор“,
наведуваат од Основниот кривичен суд Скопје.
Во пресудата објавена на веб-страницата на Судот дополнително се наведува дека изградениот деловен објект на Општина Карпош на улица „Радика“ број 9 (барака 1 и 2) се одзема во корист на државата.
Покрај Јакимовски, во предметот е осуден и Т.Ѓ. – претходно вработен во Општина Карпош. За кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување, Судот му изрече условна казна во времетраење од две години затвор која нема да се изврши доколку во следните пет години не стори ново кривично дело.
Јакимовски и поранешниот вработен во Општината дополнително се задолжени да ја надоместат штетата на државните буџетски средства.