Вели дека се нашол на „црната листа“ на САД поради луѓе кои, како што рече, се продолжени раце на странските разузнавачки служби чија цел била да му нанесат штета. Кои се тие, не сакаше да открие
Како што најави пред два дена на прес-конференција, градоначалникот на Општина Карпош, лидер на ГРОМ и кандидат на партијата за претседател на државата, Стевчо Јакимовски, денеска поднесе кривична пријава против непознат сторител откако се најде на „црната листа“ на САД поради вмешаност во корупција.

Според него, на непопуларната листа се нашол поради луѓе за кои рече дека се продолжена рака на странски разузнавачки служби, но кои се тие не сакаше да открие.
Американскиот Стејт департмент во понеделникот преку соопштение информира дека ексшефицата на поранешното Специјално јавно обвинителство, Катица Јанева и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, се ставени на „црната листа“.
За Јакимовски се наведува дека како градоначалник бил вмешан во коруптивни дела, односно дека службената положба ја користел да влијае во урбаниот развој на Општината, во процесите за јавни набавки, со цел преку нив да прибави корист за себе и своите соработници.
Покрај него, САД на листата ги ставија и неговите двајца полнолетни сина – Гоце Јакимовски и Дамјан Јакимовски.
Денеска Јакимовски ја поднесе кривичната пријава во зградата каде што се наоѓаат републичкото Јавно обвинителство, Основното јавно обвинителство Скопје и скопското Вишо јавно обвинителство.
Тој во изјава за медиумите обвини дека со ставањето на „црната листа“ се врши директно мешање во изборната трка тврдејќи дека функцијата градоначалник ја извршувал најсовесно.
„Јас сум човек со достоинство, со чест. Достоинството на еден човек чини онолку колку што е подготвен да го плати. Јас сум спремен да платам и највисока цена, но нема да попуштам пред неправдата и пред сите оние што се организирале за да направат нечесна игра и грубо мешање во изборот на претседател во Република Македонија и ќе истраат максимално. Поднесов кривична пријава против Н.Н. сторител до Јавното обвинителство, Оддел за организиран криминал и корупција и во исто време побарав средба во Обвинителството. Имам да им соопштам одредени сознанија кои јас ги имам. Во исто време стојам на располагање за што било да разговараме“,
вели Јакимовски.
На „црната листа“ на САД вели оти се нашол поради луѓе кои, како што рече, се продолжени раце на странските разузнавачки служби чија цел била да му нанесат штета.
„Луѓе коишто се поврзани со странски служби коишто во континуитет создаваат услови за да може да се повикаат на ваква работа дека не реагираат македонските правосудни органи. Ние овие 7-8 месеци бевме засипани со кривични пријави со глупости внатре. Што да им прави Обвинителството кога пишуваат глупости“,
рече Јакимовски.

Тој не сакаше да каже кој ги поднесувал кривичните пријави и кои се соработниците на странските служби. Вели дека од оцрнување на неговото име корист имаат неговите политички противници.
„Интерес имаат политичките противници и оние на кои не им одговара Македонија да има политичари кои размислуваат со своја глава и оние коишто сметаат дека ние треба да имаме политичари кои беспоговорно ќе ги прифатат сите нивни одлуки, нема за ништо да приговараме, постојано како папагали ќе повторуваме дека ние остануваме на европскиот пат колку и тоа да биде штетно по македонските граѓани“,
рече Јакимовски.
Тоа што се најде на „црната листа“ на САД, според актуелните домашни закони, не е пречка Јакимовски да продолжи со активностите во трката за претседател на државата.
Уставот предвидува дека кандидатот за претседател треба да ги исполнува условите да биде државјанин на Република Северна Македонија, да има најмалку 40 години и да бил жител на државата најмалку десет години во последните 15 години. Други услови не се предвидени ниту со Изборниот законик и тој упатува на Уставот, рекоа од Државната изборна комисија (ДИК) пред два дена.
Неколку часа пред Стејт департментот да ја објави одлуката, Јакимовски како претседателски кандидат на ГРОМ во понеделникот во ДИК ги предаде собраните 11 468 граѓански потписи со кои се квалификуваше во трката за шеф на државата.
Освен Јакимовски, на листата се најде и поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева.
Во извештајот се вели дека постапките на Јанева и Јакимовски ги поткопале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните процеси во земјата.
Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, во изјава што на својот фејсбук-профил ја пренесе Амбасадата вели дека САД ќе продолжат да ги именуваат официјалните лица од која било партија, структура на власта или заедница, кои се вмешани во значителна корупција.