Стејт департментот ги отфрли како шпекулации информациите дека постои таен план за размена на територии меѓу Косово и Србија. За неговото постоење, на вчерашната седница на косовскиот парламент, на која и беше изгласана недоверба на неговата влада, говореше премиерот во оставка, Албин Курти.
„Сакаме да појасниме дека таков план не постои. Специјалниот претставник Ричард Гренел ниту видел, ниту разговарал за таков план. Американската влада е фокусирана на поддршка на долгогодишните договори за враќање на воздушните, железничките и патните врски со цел да се подобри економската состојба и стопанството да земе замав. Уверени сме дека тоа ќе му даде нова енергија на процесот на дијалог кој ќе резултира со взаемно признавање“,
се вели во заедничката изјава потпишана од специјалниот пратеник на претседателот Трамп за дијалогот Косово-Србија, Ричард Гренел, амбасадорот на САД во Приштина, Филип Коснет и специјалниот претставник за Западниот Балкан, Метју Палмер.
Во заедничката изјава, тие нагласуваат дека во моментите на несигурност која ја предизвикува коронавирусот, косовските лидери треба да го почитуваат Уставот на Косово и владеењето на законите.
„Подготвени сме да соработуваме со секоја влада која ќе биде формирана врз основа на уставната процедура“,
се вели во заедничката изјава.
Гренел, Коснет и Палмер повторно ги повикуваат косовските власти потполно да ги укинат таксите на производите од Србија и од Босна и Херцеговина.
„Ние сме уверени дека тарифите му штетат на народот на Косово, ја кочат соработката во битката против ковид-19, вклучувајќи го и одложувањето на увозот на потребната опрема за Косово и му пречат на економскиот развој“,
се вели во изјавата.
Од вчера, откако и беше изгласана недоверба, Владата на Косово е во оставка. Претседателот Хашим Тачи денеска најави дека во најкус рок ќе спроведе консултации за формирање на нова Влада.