САД минатата недела воведоа санкции за физички лица и 12 субјекти од Западен Балкан, меѓу кои и од Северна Македонија, поради корупција, малигни активности и руско влијание во регионот
Руската војна против Украина ја нагласува итноста и важноста на нашата работа да им помогнеме на земјите од Западен Балкан да ги постигнат своите аспирации за европска интеграција и членство во евроатлантските институции, изјавија од прес-службата на Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски, на барањето да ја искоментираат изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Русија потенцијално може да предизвика нови кризи на Балканот.
Зеленски минатата недела предупреди дека Русија би можела да се подготвува да предизвика криза во балканскиот регион за да го оттргне вниманието од тековната војна во Украина.
„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“,
се наведува во изјавата на Стејт департментот.
САД минатата недела воведоа санкции за физички лица и 12 субјекти од Западен Балкан, меѓу кои и од Северна Македонија, поради корупција, малигни активности и руско влијание во регионот.
На „црната листа“ на САД од Северна Македонија се најдоа Сергеј Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко, Ратка Камчева, мајка на бизнисменот Јордан Орце Камчев, како и „Бет сити интернешнл“, „Камчев консалтинг Скопје ДООЕЛ“, „Орка фајненс Скопје ДООЕЛ“, „орка Холдинг АД“ и „Систина лајф кеар сентар“.
„Санкциите објавени од Стејт департментот и Одделот за финансии во четвртокот беа насочени токму кон овој проблем, поврзаноста меѓу руското малигно влијание и корупцијата. И двете ги попречуваат напорите на регионот да напредува кон членство во ЕУ и попросперитетна иднина“,
стои во изјавата на американскиот Стејт департмент.
Во неа се додава дека земјите од Западен Балкан, како и сите земји во Европа, имаат длабок влог во исходот на руската војна против Украина, која ги загрозува темелите на воспоставениот меѓународен поредок и безбедност.
Потсекретарот на Одделот за финансии за тероризам и финансиско разузнавање Брајан Е. Нелсон, рече дека Русија продолжува да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации.
„Акцијата ги потврдува пошироките напори на владата на САД за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот на Западен Балкан“,
изјави Нелсон при објавување на најновите санкции за лица и фирми на Западен Балкан минатиот четврток, пренесува Гласот на Америка.