Албанскиот премиер Еди Рама досега во неколку наврати најави дека ќе побара раздвојување ако ние до јуни не го решиме проблемот со Бугарија
САД не сакаат да коментираат за евентуалното одвојување на Северна Македонија и Албанија на патот кон ЕУ и велат дека членките на Унијата се тие што решаваат.
На прашање од МИА дали САД се согласуваат на одвојување на процесот за Албанија да ги започне претпристапните преговори со ЕУ во јуни, а Северна Македонија да остане поради блокадата на Бугарија, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, синоќа на брифинг изјави дека за тоа решаваат земјите во ЕУ.
„Ние имаме билатерални партнерства со земјите за кои станува збор, како и со ЕУ и во врска со ова подобро е да се обратите до овие земји и до Унијата“,
изјави Прајс.
На оваа тема албанскиот премиер Еди Рама во неколку наврати најави дека ќе побара раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ доколку Северна Македонија не го реши до јуни прашањето со Бугарија.
Во коментарите за ваквото сценарио, шефот на државата Стево Пендаровски порача дека таквите изјави од Рама се логични од аспект на албанските национални интереси.
„Од аспект на албанските национални интереси, таа изјава на Рама е логична. Ние сме третирани во пакет од страна на Брисел заедно со Албанија во изминативе скоро две и пол години и, не навлегувајќи во резоните на бриселската бирократска и политичка заедница зошто е тоа така, бидејќи во суштина процесот на европски интеграции е процес заснован на мерит-системот – кој заслужува индивидуално оди понатаму, кој не останува во чекална“,
рече Пендаровски пред три дена.
Вчера ваквото сценарио го коментираше и министерот за надворешни работи Бујар Османи порачувајќи дека тоа не е од долгорочен интерес за Албанија.
„Кажав и претходно дека не е долгорочен интерес на Албанија да се одвои од нас на овој пат. Така што, ако барем до една фаза во процесот додека политичките критериуми се клучни си помагаме еден на друг, долгорочно ќе се создаде една синергија која го турка целиот процес напред. Се разбира дека Албанија има право да го дигне гласот, да каже ги исполнивме сите критериуми, зошто јас сум заложник на досието на друга држава. Меѓутоа, сум свесен дека и Албанија го дели мислењето дека долгорочно тоа не и одговара и многу земји-членки сметаат дека тоа ќе ја влоши регионалната динамика ако тоа се случи“,
рече Османи.
Шефот на дипломатијата ваквата изјава ја даде на заедничка прес-конференција со неговиот романски колега Богдан Ауреску, кој вчера беше во официјална посета на Скопје. Според неговата изјава, Романија не се согласува со раздвојување на Северна Македонија и Албанија.
„Нема разговори за раздвојување на Северна Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа раздвојување. Важно е да се најде решение што е можно побрзо за да се започнат преговори со двете земји заедно“,
рече вчера Ауреску.
