Тројца обвинители од поранешното СЈО и по една обвинителка од Скопје и Струмица ќе го засилат Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција
Фатиме Фетаи не беше избрана за нов член во тимот на Русковска, но стана обвинителка во Вишото јавно обвинителство-Скопје. Меѓу пријавените за ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а кои не добија поддршка, беа и заменичката на Катица Јанева, Елизабета Јосифоска и Љубомир Лапе од поранешното СЈО, како и Златко Биковски, кој беше обвинител во „Пуч“
Обвинителите Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов, кои беа дел од поранешното СЈО, како и Наташа Поп Трајкова од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица и Катерина Коларeвиќ од ОЈО Скопје ќе го засилат Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со кое раководи Вилма Русковска.
Тие беа избрани на денешната седница на Советот на јавно обвинители, на која 5 нови обвинители беа избрани и за во Вишото јавно обвинителство-Скопје.
Ајро, Пеливанов, Поп Трајкова и Колариќ беа избрани едногласно со 11 гласа „за“, додека Стефанова доби 10 гласа „за“. Против нејзиниот избор во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција гласаше Фиданка Рајевска од Советот на јавни обвинители.
При вонредното оценување, четворица од нив имале максимални оценки од 25 поени, а Поп Трајкова имала 24,5. И од останатите кои отпаднаа, речиси сите, имаа високи оценки над 24 поени.
Од избраните, Лиле Стефанова има најдолг стаж. Првпат таа била избрана во 2004 година како како обвинителка во ОЈО Радовиш, каде што работела до 2010. Потоа била избрана за обвинителка во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, од каде што во 2015 премина во СЈО. По распаѓањето на СЈО, Стефанова формално беше вратена во матичното обвинителство во Радовиш, но со овластување на републичкиот обвинител Љубомир Јовески продолжи да ги застапува предметите што ги водеше во СЈО. Меѓу нив е случајот „Титаник 1“, кој се однесува на изборни измами, а таа е обвинителка и во истрагата „Империја“, како и во „Плацовите на Водно“, случај кој произлезе токму од „Империја“.
Трајче Пеливанов стана обвинител во 2009 во ОЈО Скопје. И Артан Ајро потекнува од скопското обвинителство во кое се вработил во 2012. Двајцата во 2015 преминаа во СЈО, а по распадот во 2019 исто како и останатите колеги, беа вратени во матичните обвинителства. Меѓу најекспонираните предмети во јавноста каде што тие се појавуваа како застапници на обвинението се случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување од 2008 до 2015 година. Со нив, обвинението го застапуваше и Ленче Ристоска. Овој случај заврши со првостепена пресуда во февруари годинава со која беа осудени Сашо Мијалков на 12 години затвор, Горан Грујевски и Никола Бошковски на 15, Гордана Јанкулоска на 4 години …
Пеливанов и Ајро го застапуваа и обвинението во „Трезор“, каде исто така со неправосилна пресуда пред десетина дена беа осудени Сашо Мијалков на 8 години затвор, Горан Грујевски на 15, Небојша Стајковиќ и Тони Јакимовски на 5.
Наташа Поп Трајкова, пак, во тимот на Русковска се сели од струмичкото обвинителство. Била избрана за обвинителка во 2012 година каде постојано работена изминативе 8 години и неколку месеци.
Катерина Коларевиќ, пак, првпат била избрана за обвинителка во ОЈО Скопје во 2009 година и таму работи до денес.
Кои обвинители отпаднаа?
За разлика од избраните 5, од трката при денешното гласање отпаднаа 9 обвинители што конкурираа за место во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција. Меѓу нив имаше и неколку други колеги на Стефанова, Пеливанов и Ајро од СЈО.
Една од нив беше Фатиме Фетаи. Во гласањето дали да биде обвинителка за гонење организиран криминал и корупција, таа доби 4 гласа „за“ од можни 11. Меѓутоа, потоа со 9 гласа „за“, пак, беше избрана за обвинителка во скопското Вишо јавно обвинителство.
Елизабета Јосифоска, која беше дел од СЈО и заменичка на Катица Јанева, исто така, не доби доволно гласови. „За“ гласаа само тројца членови на Советот на јавни обвинители. Таа ќе продолжи да си работи како обвинителка во матичното ОЈО Гостивар, каде беше вратена по распаѓањето на СЈО.
И Љубомир Лапе, исто така од СЈО, со 4 гласа „за“ не доби доволно поддршка за да премине во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, па ќе остане како обвинител во ОЈО Куманово. Сепак, тој има овластување и ги застапува предметите кои ги водеше во периодот на СЈО, а меѓу нив е случајот „Тортура“ против Сашо Мијалков и припадници на „алфите“ за начинот на апсење на Љубе Бошкоски во 2011 година.
Меѓу кандидатите беше и Златко Биковски, кој од 2010 до 2018 беше дел од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а сега е обвинител во ОЈО Берово. За него гласаа 4 членови на Советот. Во 2019 тој беше и кандидат за член на Антикорупциската комисија, а во јавноста е познат и како обвинител кој во водеше предметот „Пуч“ против Зоран Заев, Зоран Верушевски и други лица.
Имран Османи исто така беше меѓу конкурентите. Тој од сите пријавени има најдолго искуство од над 23 години, но имаше и најниска оценка од 20,5 поени и доби само еден глас „за“. Сега работи во ОЈО Скопје, а од 2008 до 2018 беше и обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
На листата пријавени и двајца обвинители од ОЈО Охрид, Никола Довлев и Оливера Проеска, како и две обвинителки од скопското обвинителство, Наташа Сарамандова и Верица Бержецка Крстева.
Огласот за избор на обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција и во Вишото јавно обвинителство – Скопје беше распишан пред околу 8 месеци.
Законот за јавно обвинителство предвидува дека за обвинител во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку четири години како јавен обвинител и е оценет со позитивна оценка во последните две години. Услов за избор во вишо обвинителство, пак, е стаж од шест години и позитивна оценка во последните три години.