Во соседството, најниска стапка на смртност, според официјално пријавените податоци и како сооднос на бројот на починати и бројот на вкупно заразени, има Србија – 2,44%, а највисока Албанија – 5,5%
Според другата методологија – број на починати на еден милион жители, Македонија има 15 починати на еден милион, Србија 8, Италија 292, а Шпанија – 314 починати на еден милион жители
Стапката на смртност од ковид-19 во Македонија, заклучно со денеска, изнесува 4,86%. Ова е соодносот меѓу бројот на смртни случаи, вкупно 30 со денешните три, и бројот на регистрирани заразени, вкупно 617, со денешните 18 нови.
Во земјите од соседството, најниска стапка на смртност, според официјално достапните податоци, има Србија – 2,44% (65 починати/2666 заразени). Следува Косово со 2,71% (5 починати/184 заразени), па Бугарија со стапка на смртност од 4,04% (24 починати/593 заразени), Грција со 4,4% (83 починати/1884 заразени) и Албанија со највисока стапка – 5,5% (22 починати/400 заразени).

Ако се земе предвид методологијата во која бројот на починати се прикажува како дел од еден милион жители, Македонија има 15 починати на еден милион жители, што е повеќе од сите пет соседни држави. Следуваат Грција и Албанија со по 8 починати на еден милион жители, па Србија со 7, Бугарија со 3 и Косово со 2,5 смртни случаи на еден милион жители.
Шпанија и Италија со најмногу жртви на милион жители
Во глобални рамки, Италија со 12,7% (17 669 починати/139 422 заразени), Велика Британија со 11,7% (7097 починати/60 733 заразени), Холандија со 10,93% (2248 починати/20 549 заразени), Шпанија со 10% (14 673 починати/ 146 690 заразени) и Франција со 9,5% (10 328 починати/109 069 заразени) се држави со највисоки стапки на смртност.
Германија со 1,91% (2 105 починати/109 702 заразени) и Австрија со 2,11% (273 починати/12 920 заразени), иако географски се опкружени од држави со исклучително висока стапка на смртност, самите имаат мал број починати во однос на бројот на пријавени случаи на коронавирус.

На еден милион жители, Шпанија досега има 314 смртни случаи. По неа е Италија со 292 починати на еден милион жители на државата. Висока смртност имаат и Франција со 167 починати на еден милион, Холандија со 131 смртен исход на еден милион население, како и Велика Британија и Швајцарија со 105 односно 103 смртни случаи на еден милион.
Во САД досега се регистрирани 43 починати на еден милион, во Австрија – 30, а во Германија има 26 смртни случаи на еден милион жители.