Според директорот на Институтот за судска медицина, кај 59 од загинатите во „Пулс“ смртта настапила како резултат на труење со јаглерод моноксид, амбиентален недостаток на воздух и компресивна асфиксија, односно недостаток на воздух поради притисок на градите и стомакот и термичко оштетување на дишните органи. Тој потврди дека останатите четворица кои починаа во болници во странство и во земјава, животите ги загубиле како последица на изгорениците и оштетувања на белите дробови
Кај 33 лица кои загинаа во пожарот во „Пулс“ во Кочани е утврдено присуство на цијаниди, но тоа не е главната причина за настапувањето на смртта, туку задушувањето или труењето со јаглероден моноксид. Директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, Александар Станков, на денешното рочиште одговарајќи на прашања на Обвинителството во детали ги појасни наодите од обдукцијата и токсиколошките анализи, врз основа на кои се утврдени причините за смрт кај жртвите во Пулс.
Според Станков, кај 59 од загинатите смртта настапила како резултат на труење со јаглерод моноксид, амбиентален недостаток на воздух и компресивна асфиксија, односно недостаток на воздух поради притисок на градите и стомакот и термичко оштетување на дишните органи. Тој потврди дека останатите четворица кои починаа во болници во странство и во земјава, животите ги загубиле како последица на изгорениците и оштетувања на белите дробови.

„Според обдукционите наоди, надворешниот и внатрешниот наод и токсиколошките анализи кај 59 починати лица односно лицата кои починаа на 16 март, причина за смрт е насилно задушување со јаглерод моноксид, амбиентална асфиксија (недостаток на воздух), компресивна асфиксија поради притисок и термичко оштетување на дишните патишта. Кај останатите четири лица кои потоа починаа, две во Литванија, едно во Србија и едно во Скопје, причина за смрт се изгорениците и оштетување на белите дробови“,
наведе Станков.
Директорот на Судска медицина беше дециден дека труењето со јаглерод моноксид е главната причина за смрт, додека цијанидните соединенија и амбиентот во самиот објект само придонеле за забрзување на процесот. Тој во детали ги објасни својствата на јаглеродниот моноксид и како тој влијае на телото во смртоносни дози.
„Резултатите за присуство на карбокси хемоглобин односно неговото присуство во крвта на починатите се запишани во извештаите. Кај седум лица е утврдена концентрација до 10 проценти, кај 17 лица до 20 проценти, кај 17 лица до 30 проценти. Кај 14 лица до 40 проценти и кај четири лица над 40 проценти присуство на карбокси хемоглобин во крвта. Јаглерод моноксидот е безбоен гас, без мирис. Се создава со согорување на органски материи. Ја искажува својата токсичност со тоа што се врзува за хемоглобинот и има 200 до 250 пати поголеми афинити од кислородот. Кога ќе се врзе со хемоглобинот, создава соединение карбокси хемоглобин, врска која е тешко раскинлива. Ова соединение го оневозможува транспортот на кислород до ткивата и предизвикува хипоксија, односно намалено ниво на кислород. Освен овој дел, јаглеродниот моноксид се врзува со хемоглобинот во мускулите, што предизвикува слабост во мускулите и отежнато движење. Тоа може да се види кај жртви кои починале како резултат на задушување од јаглерод моноксид“,
наведе директорот на Судска медицина.
Тој појасни дека не треба да се гледа на јаглеродниот моноксид изолирано за да се тврди дека треба да има од 50 до 70 проценти присуство на карбокси хемоглобин за да настапи смрт. Даде и детален опис на утврденото присуство цијаниди во крвта на починатите.
„Кај 26 лица не се најде присуство на цијаниди. Кај 11 лица се најде концентрација до 0,6 микрограми на милилитар. Кај пет лица до еден микрограм на милилитар, кај девет лица два микорграми на милилитар. Кај четири лица до три микрограми на милилитар и кај четири лица до 5,25 микрограми на милилитар. Водородниот цијанид е безбоен гас и се создава при пожари, кога има согорување на одредени материи како што се полиуретани. Водородниот цијанид е еден од најтоксичните гасови и тој делува на клеточно ниво и го оневозможува клеточното дишење. При високи концентрации, смртта настапува за неколку секунди до помалку од една минута. Настапува многу брзо губење свест, кардиореспираторен застој и смрт“,
рече Станков.
Како смртоносна концентрација тој го наведе количеството водороден цијанид над 5,5 микрограми на милилитар, а опасни за организмот се концентрации од 2 до 3 микрограми на милиметар. Одговарајќи на прашањата, Станков кажа, доколку водородниот цијанид бил главна причина за смрт, тогаш бројот на загинати во „Пулс“ ќе бил далеку повисок.

Директорот на Судска медицина наведе дека при анализите било испитувано и присуство на етил алкохол. Констатирано е кај педесетина од починатите во помали или поголеми количества. Лекарства како бензодијазепини биле најдени во крвта на четири лица, од кои кај едно станувало збор за лек што се препишува од лекар психијатар. Биле направени испитувања за дроги, при што кај шест лица бил најден кокаин, кај едно лице кокаин и метамфетамин и кај едно лице канабис (марихуана). Тој појасни дека овие супстанци не можеле да бидат причина за смрт во конкретниот настан врз основа на направените обдукциски наоди и токсиколошки анализи.
Тој даде појаснување и во што се состои разликата меѓу труење со водороден цијанид и јаглерод моноксид „Труењето со јаглерод моноксид има свои специфики. Во надворешните специфики доминираат светлоцрвени дамки, точкесто крвавење од кожата, розово пребојување на внатрешните органи и на коскената мускулатура. И водородниот цијанид дава црвени дамки, но нема розово пребојување на скелетната мускулатура“.
Вештото лице ги наведе карактеристиките и на другите фактори кои се утврдени како причина за смрт кај останатиот помал број загинати. За компресивна асфиксија, Станков рече дека настанува при стампеда кога најчесто се јавува притисок на стомак и граден кош, или комбинирано притисок на стомак, граден кош и врат. Амбиентална асфиксија означува задушување заради намалување на нормален процент на кислород во воздухот. Изгорениците на дишните патишта, рече Станков, претставуваат значаен фактор за настапување смрт на лица при пожар во затворен простор. Воздухот во тие простори се загрева на многу висока температура и доаѓа до изгореници на слузницата на носот, гркланот и дишните патишта.
Во таа насока, директорот на Судска медицина рече дека според податоците од други институции, при пожарот во „Пулс“ температурата достигнала и до 700 Целзиусови степени, што рече дека е приближно до таа што се постигнува во крематориум. Инаку, на почетокот на исказот Станков наведе дека првичната токсиколошка анализа утврдувала присуство на јаглерод моноксид и етил алкохол, додека за дополнителните анализи била инсталирана посебна опрема на Институтот за судска медицина бидејќи имало потреба од прецизни анализи.
Директорот на Судска медицина одговараше и на вкрстени прашања на одбраната на обвинетите, од кои дел го оспорија неговото излагање наведувајќи дека тој не учествувал во изготвувањето на сите анализи. На ова Станков одговори дека тој во Судот ја застапува институцијата, а не себеси. Дел од адвокатите прашуваа за присуството на алкохол во крвта, сугерирајќи на него како фактор за смртта. На овие наводи Станков рече дека алкохолот може да ја намали координацијата во просторот, но во никој случај не е причина за смрт на загинатите во „Пулс“.
Родителите на загинатите во изјава за медиумите по завршувањето на рочиштето рекоа дека денеска и минатата недела биле изнесени вистинските причини за смртта на нивните најмили. Тие реагираа на објави во дел од медиумите кои, како што рекоа, се однесуваат на дел од обдукциските наоди и токсиколошките анализи, чијашто цел била да се манипулира со јавноста.
Судењето продолжува в среда.
