Вицепремиерот Битиќи вчера напушти прес-конференција оти новинар го праша премиерот – дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни, како влада, ако не успеат изборите целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ
За премиерот Ковачевски, прашањето е некоректно
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) остро го осудуваат односот на премиерот Димитар Ковачевски и на вицепремиерот за економски прашања во македонската влада, Фатмир Битиќи, кон новинарот од Алфа ТВ, Матеја Петровски.
Имено, вчера на прес-конференција, по новинарско прашање упатено до премиерот Ковачевски во врска со претстојните претседателски и парламентарни избори – дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада, ако не успеат изборите, целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ – вицепремиерот Битиќи го напушти пресот, а премиерот Ковачевски истакна дека прашањето било апсолутно некоректно.
„Едно навидум едноставно прашање, кое треба да добие едноставен одговор, од страна на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, беше искористено од вицепремиерот Битиќи за некоректно однесување кон репортер коj одговорил на владината покана за следење на вчерашниот настан… ССНМ и ЗНМ предупредуваат дека овој начин на комуникација мора да запре затоа што новинарските прашања се професионална задача на репортерите, а одговорите се обврска на избраните функционери кои им ги должат на граѓаните“,
се вели во заедничката реакција на ССНМ и ЗНМ.
Денеска премиерот повторно беше соочен со прашања – дали за него секое прашање упатено до коалициониот партнер е некоректно, дали секое споменување на ДУИ е албанофобија и дали ќе се извини за вчерашниот настан. Тој не одговори директно, туку кажа дека го поддржува Битиќи кој вчера ја напушти прес-конференцијата.
„Сметам дека Битиќи добро постапи и го поддржувам во тоа што го направи, бидејќи Фатмир Битиќи е Албанец, меѓутоа тој е истовреме и вицепремиер на Владата којшто е предложен од СДСМ. Тој е мој вицепремиер, но Битиќи не е вицепремиер затоа што е Албанец, туку затоа што, ако ја погледнете неговата биографија, ќе видите една од подобрите во областа на економијата и сметам дека поставување на прашање дека кој било припадник на која било етничка заедничка дали може да обавува одредена функција е некоректно“,
кажа премиерот денеска на традиционален собир во прилепско Селце.
Тој посочи дека вчера, сепак, одговорил на сите прашања.
„Одговорот не беше насочен ниту кон новинарот ниту кон кој било медиум, туку кон темата којашто беше поставена. Јас тука се повикав на мојот говор во Куманово, по повод големиот државен празник, при што кажав дека ние во нашата држава имаме изградено мултиетничко општество, едно општество на сите, соживот кој овозможува на секој поединец, без разлика на неговата припадност да може да го планира својот личен и професионален капацитет. Меѓутоа, постојат политички партии коишто се присутни и кај нас, коишто темите за етничкa припадност сакаат да ги издигнат на своја политичка агенда и со тоа да внесуваат етнички тензии меѓу граѓаните, тензии пропратени со ксенофобија и со етнонационализам… Сакам да истакнам дека на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица единствена агенда им е ширење на тензии на национална основа“,
кажа премиерот денеска и посочи дека во однос на слободата на медиумите државата бележи напредок.