Владините претставниците и партиите да внимаваат на временскиот интервал кога ги закажуваат изјавите за медиумите, а настаните да се организираат во затворени и климатизирани простории, апелираа од ССНМ

Ниту владините претставници ниту претставниците на политичките партии не ги почитуваат мерките за заштита од топлото време, реагираше Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) од каде што апелираа до политичките чинители во земјава да ги почитуваат актуелните препораки за заштита од топлотниот бран.
„Во услови на портокалово ниво на опасност од високите температури, Владата, меѓу другото, препорача да се избегнува престој на отворено во период од 11:00 од 17:00 часот – мерка која не ја почитуваат ниту владини претставници, ниту претставници на политичките партии“,
велат од ССНМ.
Како пример, од Синдикатот ја посочуваат денешната прес-конференција на коалицијата „Вреди“ што беше одржана на плоштадот „Скендербег“ во Скопје точно напладне. Вчера, пак, министерот за култура Зоран Љутков давал изјава за медиумите во Охрид во 14 часот.
„Сметаме дека и владините претставниците и партиите треба да внимаваат на временскиот интервал кога ги закажуваат изјавите за медиумите, или пак, доколку е неопходно да се одржуваат во период од 11 до 17 часот, настаните да се организираат во затворени и климатизирани простории“,
се вели во соопштението.
ССНМ и претходно апелираше и самите медиуми да им овозможат соодветна заштита на своите вработени, особено на оние новинари и медиумски работници што мораат да известуваат на отворено.
„Новинарите и медиумските работници по службена должност мора секогаш да се на терен и да известуваат при секакви временски услови и токму затоа треба да се внимава и соодветно на условите да се постапува при извршување на работните задачи. Сметаме дека ниту еден работник не треба да биде изложуван на непотребен ризик по здравјето при извршувањето на своите обврски“,
апелираат од ССНМ.