„Поради Крешник Бектеши работниците во туристичките места ќе робуваат во недела“, стои во фејсбук-реакцијата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) во врска со законските измени кои предвидуваат трговците во туристичките места да можат да работат во недела
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на социјалните мрежи излезе со критика во врска со законските измени со кои се предвидува недела да биде работен ден за трговците во туристичките места, а кој вчера беше изглсан од пратениците во Собранието.
„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по шест месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај“, стои во фејсбук-реакцијата на Синдикатот.
Оттаму посочуваат оти министерот за економија Крешник Бектеши на 2 јануари годинава се фалел дека недела неработен ден е реалност, за на 27 јуни да се фали дека сите трговци во туристичките дестинации ќе работат во недела.
„Трговците можеа и досега да работат самите, но на министерот очигледно не му се допаѓа тоа па сега работниците ќе им работат на трговците. Министерот за економија тргува со човечки судбини, па прашуваме дали на работниците им е потребен министер трговец како него“, додаваат од ССМ во реакцијата.
Вчера, министерот за економија Крешник Бектеши објави оти според измените и дополнувањата на Законот за трговија, сите трговци во туристичките места во земјава ќе можат да работат во недела и на државни празници.
Со ова, според министерот, се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, особено во туристичките места.
Трговците во туристичките места нема да одмараат во недела – пратениците ги изгласаа законските измени