Од ССМ велат дека голем дел од оние што ја злоупотребиле државната помош се фирми кои на ист начин го изиграле системот и претходно, односно зеле субвенции, а не исплатиле плати за април, мај и јуни
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) бара итно од Управата за јавни приходи блокираните средства да ги прераспределат на сметките на оштетените работници за плата. Ова следува откако УЈП информира дека 179 фирми добиле финансиска поддршка за исплата на плата на вработените за октомври, а не им ја исплатиле платата на вработените.
„Иако со поддршката за исплата на плати, која на барање на ССМ продолжи да важи и за последниот квартал од годината, односно и за октомври, ноември и декември и со која директно се зачувуваат работните места, со што досега на 12 598 работодавачи им се исплатени вкупно 961 613 984 денари, за вкупно 61 556 вработени, повторно 179 несовесни работодавачи на 338 работници не исплатиле плата за месец октомври, а за тоа добиле средства како финансиска поддршка за исплата на платите“,
посочуваат од ССМ.
Барањето на ССМ, финансиската поддршка да се исплати директно на сметките на работниците, додаваат, беше одбиено со образложение дека системот на УЈП не можел да го спроведе тоа.
Од ССМ велат дека голем дел од оние што ја злоупотребиле државната помош, се фирми кои на ист начин го изиграле системот и претходно, односно зеле субвенции, а не исплатиле плати за месеците април, мај и јуни.
„Истиот тој систем дозволи државата по четврти пат да биде изиграна и опљачкана од истите „газди“ за 5.271.771 денари од финансиската поддршка, така и за најмалку 2 милиона денари за придонеси кои ќе беа уплатени во државна каса, а со тоа и исто толку месеци работниците да останат без основна егзистенција и плата. Загрижува и фактот што голем дел од овие така наречени „газди“, се истите оние што на предлог на ССМ беа јавно објавени дека ја злоупотребиле и првата финансиска поддршка за исплата на платите за месеците април, мај и јуни и против кои се поведени соодветни кривични постапки, нешто што никако не смеело да се дозволи да се случи“,
наведуваат од ССМ.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска вчера рече дека фирмите зеле 5 271 776 денари кои требало да им бидат исплатени на 338 работници, но не им дале плата. Најави дека ќе следуваат опомени, па присилна наплата, но и барање за кривична одговорност.