„Да го решите проблемот со инфлаторните движења со зголемување на плата е како да сакате да изгсасните оган со масло, бидејќи ги зголемувате трошоците на компаниите, што може дополнително да води кон зголемување на трошоците“, велат од Сојузот на стопански комори
Од Сојузот на стопански комори (ССК) реагираат дека зголемувањето на минималната плата како резултат на политички популизам, а не на функционални пазарни механизми, ќе доведе до намалување на работните места, раст на цените на производите и раст на сивата економија. Оттаму алармираат дека ваквата одлука ќе ги стави компаниите во дополнителен трошок, особено во период на здравствено-економска криза.
„Зголемувањето на минималната плата ќе влијае на намалување на мотивацијата на вработените кои досега биле попродуктивни, бидејќи голем број од деловните субјекти немаат капацитети и моќи скалесто да ги зголемат платите на останатите вработени. Оваа мерка нема да роди со плод, со продуктивност. Зголемените трошоци може да придонесат за зголемување на невработеноста, да го отежнат процесот на отворање на нови работни места, како и да доведат до понатамошен раст на цените на производите. Воедно, зголемувањето на минималните плати, исто така ќе ги поттикне и инфлаторните движења во македонската економија“,
изјави Александра Андреева, член на управниот одбор на ССК.
Од Сојузот на стопански комори оценуваат дека ако Владата е искрена во своите намери и сака да им помогне и на бизнисот и на граѓаните, во тој случај би спровела мерка со која што ќе се намалат стапките на придонеси, кои во државата се на екстремно високо ниво.
„Така на пример кај нас ефективната стапка на придонеси на бруто плата е 33 проценти, додека за споредба во Германија изнесува 27 отсто, Бугарија 19 проценти, Словенија 18 проценти, Хрватска 17 проценти. Со зголемувањето на минималните плати, бруто платата – трошокот за компаниите би бил околу 27 000 денари односно околу 50 проценти повеќе од самата нето плата. Ваквата ситуација со вештачко зголемување на минималната плата ќе доведе до зголемување на сивата економијата, односно во борбата за опстанок компаниите ќе бидат принудени да ја воведат праксата на плата во плик“,
појасни Андрееа.
Ваквите одлуки кои се резултат на политички популизам водат кон дестабилизација на и онака нефункционалниот пазар на труд, нарушени економски односи и поделби во општеството, смета Благоја Грозданов, од управниот одбор на ССК. Тој додава дека како претставници на бизнис заедницата, Сојузот на стопански комори (ССК) секогаш ги поддржувал зголемувањето на платите, но ако тоа е последица на пазарните механизми, зголемување на продуктивноста на работната сила и на зголемената економска активност на бизнис секторот.
Од Сојузот на стопански комори потсетија дека самиот Закон има вграден механизам според кој минималната плата се зголемува во март секоја година.
„Така согласно член 4 од Законот, исплатената висина на минимална плата во бруто износ за месец март секоја година се усогласува со една третина од порастот на просечно исплатената плата во Република Северна Македонија, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика“,
велат од ССК.
Оттаму заклучуваат дека проблемот со инфлаторните движења треба да се решава со зголемување на економската активност и создавање услови за развој на компаниите.
„Да го решите проблемот со инфлаторните движења со зголемување на плата е како да сакате да изгсасните оган со масло, бидејќи ги зголемувате трошоците на комапниите што може дополнително да води кон зголемување на трошоците. Единствен начин е да се остварат услови за развој на компаниите, односно продуктивноста. Ако немате поголемо ниво на економска активност не може да барате зголемување на платите, кога не можеме тоа да го издржиме. Ако се искрени во намерите државата нека се откаже од својот дел, од колачот кој е во форма на придонеси“,
порача Грозданоски.
Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, претходно излегоа на протест барајќи зголемување на минималната плата, која би изнесувала 60 отсто од просечната, а бараа и спирално зголемување на останатите плати.
Освен тоа, едно од барањата на ССМ беше прогласување на недела за неработен ден. Таа одлука пред два дена ја усвои Собранието, прогласувајќи ја неделата за неработен ден за околу 92 отсто од работниците, а истата ќе почне да се спроведува од 1 јануари идната година.