Веќе неколку дена траат прозивките од хрватскиот претседател кон претседателот на Србија, во кои Милановиќ вели дека најголема пречка за Србија да се приклучи кон ЕУ е токму Вучиќ поради неговото минато. Денеска се огласи српскиот претседател кој се трудеше да биде воздржан во зборовите што му ги упатува на хрватскиот претседател
Во пресрет на денешната седница на Советот за безбедност, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ одржа предавање на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, каде што рече дека најголема и најтешка пречка за Србија е тоа што српскиот претседател Вучиќ, како што посочи, „бил еден од најистакнатите поттикнувачи на војната во 1990-тите години“, објави загрепската подружница на телевизијата Н1.
Тој повтори дека Србија нема силна намера да се приклучи кон Европската Унија, додека, како што рече, Македонија и Албанија „работат напорно и се борат“.
Ова не е првпат Милановиќ директно да му се спротивстави на српскиот претседател Вучиќ. Тој и при средбата со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ минатиот четврток рече дека не верува во искрените намери на Србија за членство во Унијата. Хрватскиот претседател тогаш рече дека патот до членството е многу тежок, бидејќи сега постојат нови правила на игра кои бараат вистинска демократија во која, како што нагласи, нема измами или приватни медиуми во служба на владата.
Тогаш новинарите го прашаа што мисли за неодамнешната посета на канцеларката Ангела Меркел на Белград.
„Ако ве посетуваат премногу често, тогаш нешто не е во ред со вас. Го посетуваа и Милошевиќ, и тој беше одличен партнер. И потоа веќе не го посетуваа“,
рече тогаш Милановиќ коментирајќи ја средбата на Меркел и Вучиќ во Белград и нагласи дека од тоа не треба да се извлекуваат заклучоци за западните преференции кон Белград.
Денеска на прозивките одговори и српскиот претседател, кој се трудеше да биде воздржан во зборовите што му ги упатува на хрватскиот претседател.
„Зоран Милановиќ е голем и искрен пријател на Србија, копнее да ја види Србија во ЕУ, ама јас му пречам, и тој проблем ќе го решиме“,
изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Тој рече дека Србија ќе ја стигне Хрватска во економски раст и тоа ќе случи, како што подвлече, за помалку четири децении.
„Ќе продолжам да не одговарам на неговите навреди и да ја почитувам државата Хрватска. Тој е избран од хрватските граѓани, а со тоа тој е нивна слика и прилика, и не ми паѓа на памет да го навредам народот“,
нагласи Вучиќ.